Во Лондон повторно се изучува македонскиот јазик
После долги години во Лондон повторно се изучува македонскиот јазик на Универзитетескиот колеџ во формат кој е соодветен за слушателите. Во рамките на посетата на Обединетото Кралство министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска разговараше со директорот на овој колеџ за курсот да се унапреди во задолжителен или изборен предмет. Курсот, инаку, го посетуваат три групи, со три различни нивоа.
Во рамките на посетата на Школата за словенски и источнословенски студии, министерката за култура се сретна и со професорката Анета Илиевска-Завршник, која подвлече дека изучувањето на македонскиот јазик на оваа престижна установа е повторно востановено од 2019 година и дека бројката на групите заинтересирани да посетуваат курсеви на македонски јазик од оваа година е зголемена.
Беше разговарано за можностите за натамошна соработка во смисла на неодамнешниот настан во чест на македонскиот јазик одржан овде, во Лондон, на кој лингвисти и експерти дискутираа за местото на македонскиот јазик во семејството на словенските и балканските јазици, на кој посебен придонес дадоа говорниците Виктор Фридман и професорката Анета Дучевска.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска му подари изданија од македонски автори на директорот на оваа реномирана лондонска образовна установа, Ричард Мул, со кои Библиотеката, која има вредна колекција од печатени и дигитални дела за проучувањето на историјата и културата на Централна, Источна и Југоисточна Европа, се збогатува и со дела на македонски јазик.
За студентите, за сите заинтересирани и за сите љубители на македонскиот јазик, македонската литература и култура отсега стануваат подостапни преку делата на Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Горан Стефановски.
Министерството за култура и македонската амбасада во Лондон ќе продолжат да ја поддржуваат Библиотеката на Школата за словенски и источноевропски студии со донирање македонски книги, а со тоа и во иднина ќе се зголемуваат можностите за студентите да го збогатат своето знаење за нашата земја, култура и традиција.
Со воведувањето на курсот за изучување на македонскиот јазик, Школата за словенски и источноевропски студии (UCL SSEES) дава значаен придонес во промовирањето на наставата на македонски јазик и постепено промовирање на нашата култура пред странските студенти.
Дополнителен настан кој беше истакнат како начин преку кој филмската уметност влијае во зближувањето и запознавањето на културите, и афирмацијата на македонската уметност, е проекцијата на „Кајмак“ на Милчо Манчевски, следниот месец, на Универзитетскиот колеџ во Лондон, каде преку директен контакт со авторот ќе се придонесе во развој на односите во културата.