Венко Андоновски добитник на меѓународната Толстоева награда
Романот „Папокот на светлината”, објавен во руски превод на преведувачката Олга Панкина, вчера ја доби наградата „Јасна Полјана“ за најдобар превод на руски јазик за романот на Венко Андоновски.
Андоновски на руското книжевно подрачје започнува да се пробива уште во 2007 година, кога за романот „Папокот на светот” (во превод на Панкина) ја добива наградата „Југра“ за најдобар роман од сите словенски книжевности преведен на руски јазик.
Меѓународната Толстоева книжевна награда „Јасна Полјана“, за најдобар странски роман преведен на руски е основана во 2015 година и ја доделуваат Музејот „Јаснаја Полјана“ и „Самсунг Електроникс“.
Овогодинешното жири беше составено од еминентни писатели како Владимир Илич Толстој, Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владислав Отрашенко и Павел Басински. Од 30 номинации низ 16 земји и 5 континенти, „Папокот на светлината” ја добива наградата а одлуката е донесена едногласно.
Македонскиот писател се придружува кон листата на досегашните добитници: Џулијан Барнз од Велика Британија, Ју Хуа од Кина, Рут Озеки од Kанада, Орхан Памук од Турција, Марио Варгас Љоса од Перу, Патриша Данкер од Велика Британија, Хернан Ривера Летелиер од Чиле и Амос Оз од Израел.
Во ноември се очекува неговото гостување во Белград, по повод одбележувањето на јубилејот 15 години од постоењето на здружението ,,Македониум”.