Оспорување на „нови“ јазици во ЕУ
Бугарија не е единствената ЕУ-членка, чиј државен врв на највисоко официјално ниво, негирајќи го постоењето и посебноста на македонскиот јазик, и не признавајќи го неговиот статус како малцински јазик во Бугарија, ја оспорува јазичната и културната разновидност во Европа. И со тоа го злоупотребува своето право на вето за на најгруб начин да ги блокира европските интеграции.
И Унгарија неодамна се закани дека би можела да ја блокира Украина да ги отвори преговорите за членство. Унгарија тврди дека Украина го дискриминира припадниците на унгарското етничко малцинство, со тоа што им го ограничува правото на образование на нивниот мајчин јазик. За да се избегне можно вето, Унгарија бара враќање на правилата што важеле во оваа област пред почетокот на руската инвазија.
Официјалните национални јазици и нивниот статус наспроти малцинските јазици е проблематика проследена со низа контроверзи во Европа. Идната недела во Брисел ќе се одржи состанок на министрите од земјите членки, а на врвот на агендата ќе се најде барањето на Шпанија каталонскиот, баскискиот и галицискиот да станат официјални јазици во ЕУ. Доколку предлогот помине, разни документи и закони на ЕУ ќе бидат преведени на трите шпански регионални јазици. Локалните партии на споменатите шпански малцинства го побарале тоа за да го поддржат формирањето на новата влада на социјалдемократите.
Но, некои ЕУ-членки како, на пример, Шведска, се двоумат околу ова прашање. Се очекува Шведска да истапи со барање да се направи анализа на последиците што би произлегле од таквата одлука, пред шведската влада да биде подготвена да заземе став, вклучувајќи ја и можноста да стави вето.
Нема никакво сомневање дека јазичната проблематика мошне често ги бранува духовите во ЕУ. Интересно е да се спомене дека првата верзија на мошне важниот Договор на ЕУ од Мастрихт, документ од околу 250 страници, бил повлечен од библиотеките и книжарниците бидејќи значењето на текстот значајно се разликувало во различните преводи. Било потребно да се направат целосно нови преводи и нови препечатувања на документот. Како решение Франција во 1994 година предложи ЕУ да има само пет работни јазици. Предлогот предизвикал остри протести.
Прашањето и дилемата тогаш била, како и сега, дали ЕУ со своите 27 земји членки може да функционира на оптимален начин, со толку многу работни јазици? Повеќе од 70 отсто од оригиналните ЕУ-документи се пишуваат на англиски, а останатото е главно на француски. Доколку продолжи таквиот развој се претпоставува дека целата бриселска документација ќе се пишува на англиски. За многумина тоа е повод да се констатира дека јазичното прашање се заканува да ја торпедира ЕУ-идејата преку враќање кон старомодното елитистичко размислување во политиката.
Сепак, често се вели дека ЕУ е горда на својата културна разновидност и на коегзистирањето на различните културни идентитети. ЕУ има за цел да ја сочува и да ја поддржува таквата разновидност и да даде придонес за таа да биде достапна за сите. Такви цели се формулирани во Договорот од Мастрихт во 1992 година, каде што културната димензија на европската интеграција за првпат беше формално признаена.
Прашање е, се разбира, во колкава мера со таквото резонирање се согласува екстремната десница, која во последно време на политичката сцена во повеќе членки на ЕУ бележи успеси во комуникацијата со избирачите, заговарајќи пристап за решавање на проблемите преку сопствени национални концепти и ограничување на просторот за поддржување и толеранција за различните јазици и култури. Многумина веќе отворено зборуваат дека имигрантите во Западна Европа најдобро ќе го научат јазикот на новата земја доколку го напуштат својот мајчин јазик. Бројката на противниците на двојазичните паралелки и на наставата по мајчин јазик за доселениците, и тоа не само поради буџетските трошоци за таквиот вид образование, не е за потценување.
Внимание во еден поширок контекст секако привлекуваат и пресметките на трошоците кои се прават за многуте јазици на ЕУ. Со посочува износ од преку една милијарда евра.
Трошоците за повеќејазичната европска практика се всушност значајно поголеми доколку се додаде и обемната преведувачка работа на ЕУ-документацијата, која се прави локално во земјите членки. Во рамките на ЕУ се вработени околу 5.000 преведувачи. Во секој случај, со приемот на нови членки бројката на преведувачи е во постојан пораст. Со новите земји кои се очекува да бидат примени во наредните години, или децении, ЕУ ќе добие уште најмалку пет-шест нови јазици – српски, босански, црногорски, македонски, албански и украински – при што бројот на населението ќе изнесува околу 600 милиони жители. Дали една таква империја не би требало да има еден заеднички јазик како работен јазик за меѓудржавниот ЕУ-дијалог?
Денес, три децении по споменатиот француски предлог за редуцирање на ЕУ-јазиците, многу малку нешта укажуваат дека атмосферата за дебатирање околу јазичните прашања е помалку зовриена и помалку неизвесна. Но, сè додека секоја нова членка на ЕУ го внесува сопствениот државен јазик како еден од официјалните ЕУ-јазици, нема никаква причина со таквата практика да не биде опфатена и Македонија, чиј влез во ЕУ, кога и да се случи, треба да биде означен со приклучување на македонскиот јазик – како официјален државен јазик за употреба во меѓународни рамки – кон европското јазично семејство во Брисел. Сè друго би било контрапродуктивно и би претставувало обезличување на македонската национална самобитност.
Затоа, не би можело да се каже ништо друго освен дека изјавата на бугарскиот претседател Радев, дадена деновиве, дека Македонија има проблем со европски барања, а не со бугарското вето, е најблаго речено лицемерна. Бугарското вето се темели токму на упорното пенавење на Софија, дека македонскиот јазик не може да има иднина во Европа, туку дека треба да се „деградира“ на ниво на западнобугарски дијалект. Радев, во секој случај, нема причина да се обесхрабрува во однос на своите шовинистички ставови, бидејќи меѓу екстремните десничари во Европа сигурно ќе најде голем број симпатизери и приврзаници.
Ивица Челиковиќ