Европските интеграции на Балканот се започнати уште на почетокот на 21 век, далечната 2000 година кога по прв пат е одржан самитот помеѓу Европската унија и државите кои во тој момент претендираа да станат членки на Европската унија. Во тој пакет во тој момент беа вклучени и Хрватска и Словенија. И набрзу после тоа Словенија стана полноправна членка во 2004 година. Хрватска малку подоцна, ама и таа во 2013 стана полноправна членка. Додека пак другите, таканаречената екипа на Западен Балкан сеуште чека, само се не знае до кога.
Западен Балкан не само што доцни кон европското семејство, туку сега се носи во контекст заедно со европските интеграции на Украина и Молдавија. И се така и се почесто во тој контекст може да се слушне дека станува збор за ист пакет, Украина, Молдавија и Западен Балкан. И тоа го слушнавме милион пати од почетокот на војната на територијата на Украина. Ама лидерите на Западен Балкан или одбиваат да ја разберат реалноста дека тоа не е во интерес на нашиот регион или и тие се прават дека ништо не им е јасно или навистина не им е јасно.
Пакетот со Украина и Молдавија е пакет кој тешко дека брзо ќе го донесе Западниот Балкан до Европската унија. Украина е сеуште во војна, додека пак истовремено Молдавија е далеку од јасната стратешка определба за членство во Европската унија, а да не зборуваме за процесот на интеграција и преговори кој којзнае кога воопшто ќе го започне.
Во сето тоа, во еден таков контекст, Западниот Балкан и граѓаните на овој регион ќе останат колатерална штета која многу е веројатно дека никогаш нема да ги почуствува бенефитите од полноправното членство. И тоа не треба да го занемариме имајќи ја во предвид изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за ЕУ во повеќе брзини, но и расположението на европските граѓани кои се се помалку заинтересирани за прием на нови држави членки на Унијата.
Впрочем Западниот Балкан во одредена рака останува стратешки неостварен. Ако им е членството во Европската унија клучна надворешно-политичка цел на актерите на Западниот Балкна и ако таа цел во стратешка смисла тие никогаш не ја остварат, тогаш не останува ништо друго освен да ги прифатат актуелните околности, а тоа е да бидат „ниту на небо, ниту на земја“. Со развојни можности, ама ограничени, со делимично отворени фондови, полуотворени гранични премини и ниски бариери кои сепак постојат. Тоа не беше целта ниту на Европската унија, ниту на Западниот Балкан во 2000 година, ниту во 2003 кога беше усвоена таканаречената Солунска агенда која се залагаше за потполна интеграција на актерите од Западен Балкан во европското семејство.
Ама како викаат старите, што било-било, времето не може да се врати, туку прашањето е што ќе се прави понатаму. Колку е регионот одржлив без потполна интеграција во Европската унија, колку е безбеден, колку отвора простор за просперитет на млади и за крај колку воопшто дава можности за изградба на стабилна и предвидлива иднина.За политичарите и воопшто да не зборуваме. Тие секако не се заинтересирани. Да беа заинтересирани немаше да чекаат Западниот Балкан да биде вклучен во исти пакет со Украина и Молдавија, да беа заинтересирани веќе ќе беа свесни што значи да се биде дел од пакетот со Украина и Молдавија и како во тој контекст би изгледал европскиот пат или во некоја далечна перспектива – европското членство.