Празник во чест на Ацо Шопов се одржа во УНЕСКО во Париз
На Светскиот ден на поезијата – 21 март, во УНЕСКО во Париз се случи празник во чест на Ацо Шопов. Преку неговата поезија се празнуваше македонската култура, јазик, уметност, музика.
Во организација на МАНУ, Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Јасмина Шопова, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски и со поддршка на Министерството за култура, достојно се чествуваше јубилејот „100 години од раѓањето на Ацо Шопов (1923 – 1982)“ со меѓународен симпозиум со наслов „Поезија: творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“, како и со филмска проекција, изложба и музичко-поетски перформанс.
Во рамките на програмата беше соопштен и лауреатот на „Златен венец“ на годинашното 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.
Настанот беше дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
– На Светскиот ден на поезијата, во Париз, прославуваме два големи јубилеи – 100 години од раѓањето на знаменитиот македонски поет Ацо Шопов и 30 години од македонското членство во УНЕСКО. Овие исклучително значајни пунктови во нашиот социо-културен развој нѐ потсетуваат дека задачата на уметникот отсекогаш била да поставува критички прашања во светот и за светот и времето во кое живее. Книжевниот корпус на нашиот великан Ацо Шопов е парадигма за тоа дека поезијата и севкупната уметност, не припаѓа само на естетското, туку е длабоко вкоренето во етичкото и хуманото. „Дали ова време што го живееме и чии граници човештвото ги раширува фантастично смело и фантастично брзо, не е и време што ја убива поезијата?“ Ова е време на „научни достигнувања што ја оставаат зад себе и најсмелата и најбогатата фантазија“, време на технички чуда и „роботи што можат за неколку мига да напишат песна што ќе ги задоволи сите естетски барања. Дали нашето време е мртво за поезија, или, пак, таа е мртва за него?“ Со овие зборови Ацо Шопов ги отворил првите „Струшки вечери на поезијата“ во далечната 1962 година. Далечна, а, сепак блиска затоа што додека зборуваме, алгоритмите на вештачката интелигенција веќе генерираат текстови што ги имитираат големите книжевници. Шумот на социјалните мрежи и медиуми ја нарушува тишината неопходна за уметничко промислување и согледување на светот. И како и во времето на Шопов, некои сметаат дека научниот и технолошкиот напредок и современите предизвици ја истиснуваат човековата потреба да создава поезија. Значењето на слободата, правдата и демократијата како клучни човекови достигнувања стануваат жртви на војната, вклучително и онаа во Украина. И денес, распнат меѓу многубројни стравови, кризи и војни, светот „морничаво настојува да се најде себеси“ – истакнал претседателот Пендаровски во Париз, заклучувајќи дека на нашето време поезијата му е потребна повеќе од било кога порано.