Во Качарево е одржан традиционален василичарски маскенбал, кој беше одложен за Василица. Децата подготвија маски за овој настан, а имаа можност и да се запознаат со стариот македонски обичај по повод празникот Василица . Организатор на настанот е Здружението на Македонците „Вардар“ од Качарево.
– Како и минатите години, организиравме василичарски маскенбал во Здружението. Идејата беше да се запознаат најмалите со еден стар македонски обичај, односно како се маскирале луѓето и со каква цел. Тоа се случувало во т.н некрстени денови и на тој начин луѓето ја испраќале старата Нова година и сите лоши работи што се случиле во неа, со желба следната година да биде подобра, рече Сима Најдовски, претседател на Здружението „Вардар“ од Качарево.
Воспитувачката Маја Зориќ истакна дека е многу важно децата да ги запознаат традициите и обичаите на другите народи кои живеат на овие простори.
– Децата се многу заинтересирани да ги запознаат обичаите на другите народи и тоа е многу важно, бидејќи живееме во мултинационална средина како Војводина. Планирам во наредниот период во градинката да реализирам проект поврзан со народните традиции. Исто така, координатор сум на драмската секција во Здружението „Вардар“ и подготвуваме претстава „Илинденски времеплов“. Навистина се трудиме да ги анимираме најмалите и да им овозможиме квалитетно да го поминуваат слободното време, вели Маја Зориќ.
На настанот присуствуваа и членови на други македонски здруженија и на тој начин ја поддржаа намерата на организаторите да ги запознаат младите со македонската традиција. Децата подготвија рецитации за овој настан, а имаа и можност да слушнат и дел од македонските детски песни.