Македонците и Бугарите обележаа 151 година од раѓањето на Гоце Делчев. Човекот кој за Македонците претставува татко на нацијата. Херој кој се борел за независна и суверена македонска држава. Додека пак од другата страна, за Бугарите, човекот кој се борел за единствена географска Македонија во границите на бугарската држава. Ова е веројатно спор кој никогаш нема да биде разрешен, не затоа што Бугарите не знаат дека Делчев бил етнички Македонец, туку затоа што никому не му паѓа напамет да је менува својата современа историја и на тој начин да испадне губитник во очите на некој мал народ – каков е денес македонскиот.
Ама суштината не проблемот не е фактот дека Гоце Делчев бил Македонец, туку начинот на кој современите Македонци и Бугари ја обележуваат големината на овој македонски јунак кој светот го разбирал како поле за културно натпреварување помеѓу народите. Ама само тој така го разбирал. Додека современите Бугари го разбираат како поле за политичка пресметка со слабите Македонци, кои се сиромашни, кои се надвор од Европската унија и со кои може денес се да се направи само како би добиле бугарски пасош.
И не треба ништо да не изненадува. Тоа е последица на асиметричните односи помеѓу македонската и бугарската држава. Двете членки на НАТО, ама само едната членка на Европската унија, додека пак другата, се уште е на тој пат. Соочена со бугарските закани и условувања дека никогаш нема да седне во европскиот клуб додека не го подвие рбетот.
Она што го видовме минатата недела, не денот на одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев е трагедија и за македонската и за бугарската држава. За првата, затоа што не успеала да креира ефикасни институции кои воопшто нема да дозволат такви тензични сцени на својата граница, а за другата, затоа што иако е членка на Европската унија, не почитува ниту „Е“ од вредности на кои е всушност втемелена таа Унија, толку посакувана во целиот регион. Всушност, и двете страни се заложници на дневната политика, на популистичките политичари и на екстремните групи и поединци кои само на овој начин се видливи во јавноста – со насилство и закани.
И наместо одбележувањето на датумот на раѓањето на Гоце Делчев да биде празник во регионот, одеднаш овој настан стана предмет на специјалните полициски единици кои би требало да чуваат местото каде тој почива, кои би требало да го сочуваат јавниот ред и мир од екстремните поединци кои не бираат средства во остварувањето на своите популистички цели. Така гледано, ниту едните, ниту другите го заслужуваат ликот и делото на Гоце Делчев. А не заслужуваат ниту да бидат негови потомци. Затоа што Делчев, како етнички Македонец, како учител, како херој, имал голема визија, ама не за така мали луѓе. Не за актуелните политичари кои ги водат македонската и бугарската држава, не за предводниците на македонските и бугарските здруженија кај едната и другата страна,
не за обичните граѓани кои сеуште не умеат да кажат не на таквата политика, на таквото секојдневие, на таквата реалност.
Гоце Делчев бил визионер. Визионер за честити луѓе. Визионер за мудри политичари. Визионер за политички стратези. Визионер за достоинствени граѓани. За се она што сеуште го немаме, ниту во македонската, ниту во бугарската држава.