ВестиКултура

Кајчето низ Македонија премиерно тргна од Вршац

Премиерно изведена претставата ,,Со кајче низ Македонија'' од драмксата секција на здружението ,,Вардар'' од Вршац

Во организација на драмската секција на здружението ,,Вардар”’од Вршац подготвена е и премиерно изведена театарската претстава ,,Со кајче низ Македонија” во преполната сала на Културниот центар на Вршац. Анѓелија Стојановиќ и Дарко Ристески кои што ја водат драмската секција, го потпишуваат сценариото, работеа на режијата и покрај децата ги играат главните улоги во претставата, која што е осмислена двојазично, на српски и македонски јазик.

Дарко Ристески и Анѓелија Стојановиќ

Идејата потекна од здружението и претседателката Весна Мицевска Антал, со цел да се анимираат младите и најмладите и да се вклучат во работата на здружението, но и да на овој начин се запознаат со македонскиот јазик, културата и традицијата. Драмската секција започна со работа пред само неколку месеци и за сега брои десетина деца, кои се вклучени во претставата и успешно ја реализираа задачата да научат песни за градовите низ кои што плови кајчето. На децата кои што се со македонско потекло и кои во училиштето го учат македонскиот јазик како изборен предмет им беше полесно, но и сите заедно се потрудија да го совладаат текстот беспрекорно.

  • После сите овие години активизам и учество во разни проекти и во моето здружение и во соработка со другите здруженија и јас сам како поединец и музичар, можам да кажам дека најмногу се гордеам со овој проект и многу сум среќен што успеавме да го реализираме. Сметам дека неговата реализација е од голем значај, не само за Вршац туку и за целата македонска заедница во Србија, бидејќи е наменет за најмладите кои врз забава, игра, дружење, глума имаат можност да го слушнат и научат македонскиот јазик на најлесен и најубав начин – истакнува Дарко Ристески.

Тој се надева дека тоа ќе го препознаат и вреднуваат институциите кои што овозможуваат реализација на вакви проекти, за да може ,,македонското кајче” да ги посети и сите македонски здруженија во Србија.

Во претставата тој го толкува ликот на чичко Гоце, кој е стар неколку века и на интерактивен начин раскажува приказни и анегдоти интересни и за децата но и за возрасните. Тој најдобро ја познава македонската историја, бидејќи лично присуствувал на некои од настаните заедно со своите роднини со кои ги изградија Стоби и Кокино, меѓу кои е и Билјана што белеше платно на охридските извори, каде што за прв пат ја пуштил пастрмката во езерото, но и за неговата прва љубов Јовка Кумановка.

Неговата колешка Анѓелија е просветен работник и има искуство во работа со деца, што овој проект го поедностави и направи покреативен. Таа и во претставата има улога на учителка Калина, која што ги запознава децата со убавините на Македонија.

  • Најголемата награда за сите нас е полната сала во културниот центар, аплаузите и позитивните реакции на публиката. Се надеваме дека претставата во текот на наредната година ќе биде играна и во другите места, а желбата на сите нас е да ја изведеме и во Македонија – истакнуваат организаторите.

По премиерата, на сите деца кои што беа присутни во салата и интерактивно се вклучуваа во претставата им беа поделени новогодишни пакетчиња обезбедени од здружението ,,Вардар” од Вршац.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button