Здружението на Македонците „Вардар“ во Ниш прослави две децении од своето основање. На свечената академија што се одржа во салата на Нишкиот културен центар присуствуваа членовите на здружението, претседателот на Македонскиот национален совет Борче Величковски, како и македонската вд амбасадорка Михаела Веселинов.
Со двете национални химни на Македонија и Србија, Македонците во Ниш ја започнаа свеченоста по повод големиот јубилеј. Програмата ја отвори првиот претседател и еден од четворицата иницијатори за основање на зддружението Благоје Илијевски. Здружението Вардар е едно од првите формирани здруженија на граѓани од македонското национално малцинство во Србија.
За успешноста на работата сведочат бројните признанија, награди и благодарници што Здружението Вардар ги доби во градот Ниш, во Србија и во Македонија. Затоа и актуелниот претседател Благе Петрушевски не го крие задоволството. Здружението традиционално ја организира манифестацијата Денови на македонската култура во Ниш, учествува во одбележувањето на сите значајни датуми и празници, градски манифестации, активно се занимава со волонтерска работа, соработува со градските и општинските културни институции, а беше и посредник во збратимувањето на градот Ниш со неколку општини од Македонија.
На најзаслужните членови на Здружението им беа врачени благодарници, а за најактивна оваа година е избрана Зорица Петрушевски.