Смерници за изјаснување на Македонците на пописот во Србија – не постојат Северномакедонци и северномакедонски јазик
Веќе извесно време по потпишувањето на Преспанскиот договор, сведоци сме на несоодветна пракса на користење и толкување на термините и одредниците кои ја содржат придавката ,,северна” од страна на медиумите и институциите. Се почесто се среќава употребата на: cеверномакедонски јазик, cеверномакедонска институција, Северномакедонец и т.н во официјални формулари, извештаи, статистики и други документи и изјави од клучни институции, кои што се спротивни нa Преспанскиот договор и го нарушуваат националниот идентитет.
Во Србија, во тек е кампања за изјаснување на Пописот, кој што ќе се одржи од 1 – 31 октомври. За да нема сомнежи кај граѓаните припадници на македонската заедница за официелна употреба на името на јазикот и името на нацијата, објавуваме дел од Преспанскиот договор, во кој што се прецизира следното:
,,ДЕЛ 1
РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКАТА ОКОЛУ ИМЕTO, НЕЗАОКРУЖЕНИТЕ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО ИСТОТО И ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ
Член 1
Оваа Спогодба е конечна и со нејзиното влегување во сила престанува да важи Привремената спогодба меѓу Страните, потпишана во Њујорк, на 13 септември 1995 г. Страните го прифаќаат како обврзувачки исходот од преговорите, коишто се одвиваа под покровителство на Обединетите нации, а кои Страните беа обврзани да ги водат во согласност со Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 945 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, како и во согласност со Привремената спогодба од 1995 г. Согласно тие преговори, заемно е прифатено и договорено следново:
…
в) Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“,како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба.
г) Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во член 7 од оваа спогодба. …
ЧЛЕН 7
Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
…
Во однос на Втората страна (Македонија), овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство …
Втората страна (Македонија) изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.
Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни. ”
И македонското Министерство за надворешни работи објави смерници односно водич што се користи при давање опис за нашата матична земја согласно Договорот од Преспа.
- Придавката „македонски/o/a” да се употребува кога е поврзано со етнички и културен идентитет за народот, нашиот јазик, историја, култура, наследство, територија и останати особености. Ваквите термини во овој контекст се особено различни од оние што се употребуваат и се поврзани со регионот на Македонија во Грција.
Правилни примери: Македонски етнички идентитет, Македонски јазик, Македонска култура, Македонска територија, Македонски народ, Македонска историја, Македонски планини, Македонска литература, Македонско кирилско писмо, Македонска храна, Македонски цркви итн.
Неправилни примери: Други придавки, вклучително и „Северно македонски”, „С. Македонски” и „СеверноМакедонски”, не треба да се употребуваат.
Доколку некој и имал сомнеж како да се изјасни на претстојниот Попис во Србија, во однос на промената на името на матичната македонска држава, со ова појаснување и наведување дел од спогодбата во која што е прецизирано името на народот и јазикот, јасно е дека не постои никаков северномакедонски јазик, или северномакедонски народ.
Тоа неодамна го објави и РТС на својот портал, што можете да го видите ТУКА
Името или припадност на нацијата е МАКЕДОНСКА. Ние сме МАКЕДОНЦИ.
Името на јазикот е МАКЕДОНСКИ.