БлогВести

Одиме понатаму

Македонската држава после 17 години од добивањето на кандидатскиот статус
официјално успеа да ги започне преговорите со Европската унија, односно
таканаречениот скрининг процес. Сега на ред е да се промени македонскиот Устав,
затоа што веќе некои европски дипломати потсетуваат дека без промена на Уставот и
самиот скрининг процес може да биде запрен.
А што е потребно да се промени во македонскиот Устав? Тоа е она најболното
прашање барем засега за македонската опозиција. Односно додавањето на
бугарскиот народ, заедно со веќе останатите наброени народи, покрај македонскиот и
албанскиот, како конститутивни народи на македонската држава,
Всушност тоа е главниот предуслов на Софија да не биде запрен преговарачкиот,
односно сеуште скрининг процесот, а понатаму како ќе се одвиваат работите ќе
видиме.
И од денешна перспектива се чини дека опозицијата остро ќе се спротивстави на таа
уставна измена, ама исто така е предвидливо и дека истата ќе биде прифатена и
реализирана, како и многу пати до сега. Исто како во 2004 година кога се прифати
новата внатрешна територијална реорганизација, исто како и во 2018 година кога се
прифати Преспанскиот договор со Грција па македонската држава го доби своето ново
име со географска одредница.
И додека политиката и понатаму е главна игра во градот, во македонската држава се
друго стои во место. Додека останатиот свет и земјите во регионот се занимаваат со
новонастанатите околности, со Украинската војна, со енергетската криза, со
економската и финансиската криза, македонските политичари и понатаму ги кршат
своите копја околу политички прашања, демек оние најважните за зачувување на
македонскиот идентитет.
Истовремено никој не приметува дека македонскиот идентитет се губи со емиграцијата
на младите по „белиот“ свет. Сите оние млади кои не ја гледаат својата иднина и
професионална перспектива во македонската држава. И наместо некој да се запраша
како да ги задржиме младите, како да им обезбедиме добри животни и работни
услови, македонските политичари се занимаваат со историските учебници додека
пред очите им се празни државата. И така од ден во ден.
Всушност нема веќе кој ни да го чува македонскиот идентитет ако е тоа во рацете на
младите. Ако е тоа во рацете на идните генерации. Затоа што нив веќе се помалку ги
има. Затоа што тие ја бараат својата нова татковина во некоја европска држава, во
некоја развиена земја која ќе им овозможи да ги уживаат и докажуваат своите
квалификации, наместо како во македонската држава да лепат по ѕидовите партиски
постери и плакати.
Се е во рацете на младите. Не само иднината, туку и сегашноста и минатото. Затоа
што оние кои ја креираат сегашноста и иднината истовремено се спремни да го чуваат
и минатото. Ама таквите во македонската држава се се помалку. Затоа што

политичарите сметаат дека се доволно способни да го направат сето тоа што не го
направија за 30 години. Ама сега сметаат дека конечно ќе успеат. И така на секои
четири години. Нови избори, нови уставни измени, нови ветувања, ама ништо ново за
македонската младина. За сите оние илјадиници млади кои купуваат автобуски карти
во еден смер, затоа што веќе и авионските карти им се скапи.
Само што тоа сеуште не е на дневниот ред на македонската политичка агенда. Што ќе
им се всушност младите кога македонските политичари и онака се можат да направат
сами. Без млада работна сила, без нова енергија, со добрите проверени кадри и
пензионерите во својство на гласачи.
И тука се губи идентитетот. Тука се губи она вистинското во македонскиот народ, во
македонскиот народ, во македонскиот идентитет. Затоа што идентитетот се губи по
развиениот свет, јазикот се заменува со некој од светските јазици конкурентни на
глобалниот пазар, додека пак македонскиот народ се раситнува, секој ден по ден,
полека, но сигурно.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button