Meѓународен камп на Вршачкиот брег- средба на основците од Прилеп и Гудурица
Основното училиште „Моша Пијаде“ од вршачкото мултиетничко село Гудурица организираше Меѓународен детски камп ,,Шаренило на Банатот” кој по втор пат се одржа во одморалиштето на Црвениот крст на вршачкиот брег, од 30 јуни до 03 јули. Покрај учениците, кои во ова училиште го учат и македонскиот јазик со елементи на наицоналната култура како изборен предмет, на кампот учествуваа и учениците од Прилеп од основното училиште ,,Кире Гаврилоски – Јане”.
Во текот на четири дена гостите и домаќините учествуваа во работилниците подготвени од стручни презентери: „Богатство на различности“, запознавање и учење на зборовите и изразите на националните заедници кои живеат на овие простори; Прва помош и заштита; Европски ден за борба против трговијата со луѓе; Изработка на украси и предмети од природни и рециклирани материјали; Сликарска работилница; Спортски активности: полигон на умешности, како и игри во природа; исто така во многубројните прошетки низ ридот ( до Ѓаков врв, Вршачка кула ) и низ градот ( до Музејот Конкордија, Аптеката на скали ), како и до градскиот базен на рекреативно освежување.
Овој настан беше овозможен од страна на Покрајинскиот секретаријат за образование, прописи, управа и национални малцинства – национални заедници, како и Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија.
Какви впечатоци однесоа гостите сведочат зборовите на нивните наставници Розита Кареска и Јованка Антоска:
„Огромна благодарност за прекрасниот престој кој што ни го овозможивте. Понесовме прекрасни впечатоци и спомени кои вечно ќе ги паметиме“.
Кампот го водеа: директорот Ненад Васиќ со тим наставници: Љубица Василе, Ана Флориќ и Охридија Димитровска.
Информациите и фотографиите ни ги испрати Охридија Димитровска.