БлогВести

Македонското полнолетство на патот кон Европската унија

И ете поминаа 18 година, македонската држава го достигна своето полнолетство во односите со Европската унија, на патот кон европското семејство, ама тоа во овој случај и не е некоја радосна вест, како што е тоа во случајот кај луѓето, кога полнолетството им претставува нова етапа во животот. Со многу побројни обврски, но исто така и со многу можности, самосталност и зрелост. Во овој случај, на македонската држава и нејзиниот однос со Европската унија, полнолетството без потполна интеграција после скоро две децении претставува неуспех во секоја смисла, од секоја гледна точка.

И сега, како стојат работите, се чини дека се помалку се аргументите дека Скопје е виновникот за тоа, дека македонските власти не си ја вршат својата работа, дека македонскиот народ не е посветен кон европските вредности.

Всушност, после последниот самит на Европската унија со Западниот Балкан сета вина отиде на страната на Брисел, затоа што, барем во случајот на Скопје, не постои услов кој не беше исполнет, а кој и без барањата на Софија, е далеко од секој услов кој го исполнила било која држава која е веќе членка на Европската унија.

И тоа лесно се проверува. Барем за таа работа не се потребни некои сложени математички равенки, туку доволно е да се анализираат процесите како сите досегашни членки го оствариле својот европски сон, вклучувајќи и Бугарија и Романија, кои веќе е јасно дека со сигурност беа далеку од вистинските критериуми за членство во Унијата.

Но, можеби конечно е дојдено времето сите на Западниот Балкан да се отрезнат, не само македонската држава, туку и сите оние кои претендираат на зачленувањето во Европската унија, претстаувајќи ја истата као надворешно-политичка цел без алтернатива. Всушност можеби е тоа и точно. Можеби не постои алтернатива на Европската унија, имајќи ги во предвид економските и трговинските односи на Западниот Балкан со земјите членки на ЕУ, ама тоа не значи и дека членството во Унијата претставува цел која по секоја цена треба да се оствари,

Сега е веќе дојдено времето да се прерасподелат картите на Западниот Балкан кога се во прашање надворешно-политичките цели. Нужноста на регионот е одржлива економија и достоен живот за секој граѓанин, наместо членство во заедница на држави од кои некои ги проблематизираат и основните човечки права и вредности.

И тоа е токму така. Како во случајот со македонско-бугарскиот спор во кој бугарските власти инсистираат Скопје да ги избрише своите идентитетски и историски атрибути како предуслов за членство во ЕУ. Но и во случајот на Србија, кога одредени европски членки тврдокорно зборуваат за почитување на меѓународното право од една страна, додека пак од друга страна бараат Белград да се откаже од универзалниот принцип на територијален интегритет, како еден од клучните принципи на меѓународно признаените држави.

Затоа дојдено е времето политичарите да си ги засукаат ракавите. Да се посветат на регионалната соработка, регионалната интеграција и сето она што можат да го направат за своите граѓани, за подобар живот, за отворање на нови работни места, за перспектива на младите, наместо да се занимаваат со политички флоскули кои само ја замаглуваат реалноста, вклучително и оние со европските интеграции, кои во овој момент се толку далеко, да веќе никој не е сигуран и дали делуваат реално.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button