Често во државите на Западниот Балкан, односно да бидеме поконкретни, во државите наследнички на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија СФРЈ слушаме дека политичкиот реваншизам во заедничката социјалистичка република било секојдневие, дека доколку не си член на Сојузот на комунисти ти си по логиката на нештата непријател на државата и на партијата, а за таквите „противници“ на тогашниот социјалистички систем и уредување следувало и „годишен одмор“ на таканаречениот Голи оток или долги години поминати во, барем како некои сведочат, суровите затвори на социјалистичката власт.
Од една страна чини се дека било опасно да се живее во една таква држава, во еден таков, како некои го нарекуваат, репресивен систем. Но, од друга страна, има многумина и кои велат дека таа држава била синоним за успешност, дека во таа држава, односно дека со нејзиниот пасош можело да се патува насекаде во светот, но и дека активно се следеле таканаречените про-западни трендови, од модни стилови, па се до музички жанрови.
Како и во секој агол на Западниот Балкан, така и во оваа смисла, постојат бројни контрадикторности, но кога е во прашање политиката, без сомнение, политичката култура никогаш не била „јака страна“.
Можеби денес не постојат политички затвореници од моделот на Голи оток, можеби денес противниците на актуелните власти на Западниот Балкан не поминуваат години и голготи во затворите, но секако се поставува јасна разлика помеѓу оние кои ги подржуваат актуелните власти, како и оние кои се противници на политиките на истите власти. Ама, да би се разбрала суштината, „политичкиот удар“ и критиката не се насочени само кон оние кои се противници на властите, туку и кон оние кои ја подржуваат власта, само што кај овие другиве, „нападот“ доаѓа од другата страна, од редовите на опозициските лидери. И така е секојдневно, од распадот на СФРЈ па се до денес. Додека подржувачите на властите, од една страна, често се нарекуваат националисти, без образование, сендвичари… овие другиве, на страната на опозицијата, најчесто се претставувани како национални предавници, фашисти, странци платеници.
И тоа денес на Западниот Балкан нема да го чуете само во „кулоарите“ на некои градски кафеани или во градските чаршии, туку тие изрази стануваат се почесто легитимен дел од политичкиот речник на бројни истакнати политичари како за време на нивните медиумски гостувања, така и за време на нивните активности во националните парламенти, па дури и државните институции на сите нивоа. Впрочем, живееме во општество во кое апсолутно се легитимирани сите врсти на навреди кон политичките неистомисленици, без обзира на тоа дали навредите се однесуваат на лично, професионално или семејно ниво.
Всушност, моделот на макијавелистичко водење на политиката на Западниот Балкан цврсто и традиционално се втемели во земјите од овој регион. Политичката култура, онаа вистинската, некои ја нарекуваат и демократската, во која „политичките копја“ се вкрстуваат еден против друг на основа на аргументи е оставена на страна, додека пак истовремено е поставена една нова, регионална, западно-балканска политичка култура, која од ден на ден ја гледаме се почесто и во општествениот дискурс, а која пропагира напади со секое можно средство, без задржувања, без препознавање на поимите етика и морал.
И во таа игра, во таква битка се кадри и едните и другите. И оние кои се на власт, но и оние кои се во опозиција. Додека пак граѓаните, неми како и секогаш, само ги следат новите трендови, и тоа што е најтрагично, истите ги прифаќаат, како нешто ново, а што никогаш не било достоинствено во политиката, или пак во „здравите“ политички општества.
И кога ќе ги погледнеме работите денес, па се вратиме 40-50 години наназад, за време на заедничката социјалистичка република, ќе видиме дека ништо посебно не се променило. И денес, како и тогаш, политичките противници се всушност политички непријатели, национални предавници. И денес, како и тогаш, се користат сите средства за уништување на политичките противници. И што е во сето тоа најлошо, и денес, како и тогаш, народот и граѓаните само ги следат старо-новите или поточно кажано „реформираните“ политички трендови на Западниот Балкан, но со иста цел. И денес, како и тогаш, никој не „мрднува со прст“, само немо ја следат политичката битка, од која всушност зависи и нивната сегашност, но и иднината на нивните деца.