129 години од смртта на Григор Прличев
На денешен ден во 1893 година во Охрид умрел Григор Прличев, еден од темелните македонски писатели од 19 век. Љубовта кон книгата Прличев ја добил од неговиот дедо кој му го купил првиот грчки буквар кога Григор имал само четири години. На крајот од својот живот неговиот дедо и оставил завет на мајка му да го испрати Григор на училиште.
Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствувал во Охрид и кој имал големо влијание врз него.
Во 1859 година како студент на втора година по медицина во Атина ја пишува поемата „Сердарот“. Една година подоцна, во 1860 ја добива наградата на големиот конкурс во Атина за најдобра поема на грчки јазик. За оваа поема, Прличев е овенчан со лаворов венес и добива паричен дел. Истата година делото излегува од печат, а тој од стручната критика за делото добива епитет на втор Хомер.
Поетската творба „Сердарот“ се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. Други позабележителни негови творби се „Автобиографијата“ која е напишана во периодот 1883-1890 во бугарската машка гимназија во Солун, каде Прличев учителствувал, а е објавена по неговата смрт, како и словото-есеј „Чувај се себеси“. Тоа се комплементарни книжевни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на „Сердарот“. Со поемата “Сердарот”, историски ја верификувал големината на својот поетски талент. Ова поетско дело и до денешен ден според многу елементи на епското пеење се уште не е надминато.
Пред две години, сега покојниот професор Илија Бетински го објави препевот на ,,Сердарот” на српски јазик. Промоцијата е оддржана во здружението на писателите на Србија во организација на Здружението ,,Македониум” чии што Бетински беше член.
Прличев заедно со Јаким Сапунџиев го започнал народниот подвиг во Охрид за воведување на народниот јазик во училиштата, односно борба против Цариградската патријаршија и нејзиното влијание. Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика.
Едно од поважните негови дела е и песната „Во илјада седумстотини шездесет и второ лето“ , која ја објавува во 1872 година во цариградскиот весник „Читалиште“ која подоцна е преобјавена и во неговата „Автобиографија“. Во цариградскиот весник „Право“ во 1872 година е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов „Воспитание“ или 12 наравствени песни.
Гробот на Григор Прличев се наоѓа зад црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.