Агенција за книга за претставување и афирмација на македонската литература во светот
Темата за формирање т.н. Агенција или Биро за книга, институции какви што постојат во државите од соседството, веќе подолго време беше предмет на интереси и коментари во јавноста, но и покрај некои најави во минатото, досега ништо конкретно не е преземено во оваа насока. Во ова тематско истражување се обидовме да подискутираме со некои од македонските современи писатели и издавачи во насока на разоткривање на можностите кои формирањето на една таква Агенција би ги отворило кон натамошниот развој и промоција на македонската книжевност, како во меѓународен контекст, така и на план на обезбедување подобар финансиски баланс меѓу писателската дејност и издаваштвото.
И Македонија треба да има државна Агенција за книга пред сè заради системска поддршка и претставување на домашната литература, за почитување на Законот за авторски права и за подобрување на финансискиот баланс меѓу издавачите и авторите, односно одржливост на писателската дејност. Имаме Сектор за книга во Министерството за култура, но пристапот на евентуалната aгенција, според познавачите на тековите во литературата и издаваштвото, би бил радикално поинаков – посистематски, посеопфатен и со јасна промотивна стратегија на македонската литература и писатели во светот.
Македонските автори, освен преку учество на саеми и промоции во странство, тешко можат да бидат објавувани и читани во други земји без Агенција за книга. Постоењето на таква Агенција би било од голема важност за да можат македонските автори да бидат објавувани на јазикот на странскиот издавач кој би ги откупил авторските права. Писателите и издавачите се согласни со тоа и кај нас да се применат европските искуства.
„Книжевните агенции даваат основа за систематичен пристап во приопштувањето на литературата без разлика дали се работи за промоција на единечен автор или на цел книжевен ареал, на национално и регионално ниво. Секако, приватните литературни агенции далеку повеќе се засегнати од потенцијалите за комерцијализација на авторите кои ги промовират и врз основа на чии права за објавување и наплатуваат, односно егзистираат. Наспроти ова, државните агенции за литература овозможуваат фокус кон квалитативните елементи на литературата, односно овозможуваат едно попрефинето и построго селектирано претставување на тоа што би требало да биде една национална литература почнувајќи од книжевните класици, завршувајќи со она што се создава денес од најмладата генерација на писатели. Книжевните агенции може да помогнат и за егзистенцијата на книжевните списанија кои се подлога за континуитетот на литературата. Тие овозможуваат флуентност во тековите и овозможуваат поинтензивна книжевна и културна размена меѓу различните средини”, вели Стефан Марковски, современ македонски писател.
Сестраната поддршка за превод и промоција дава основа македонските писатели да станат поконкурентни во светски рамки
Агенција за книги би овозможила можност за полесна соработка не само со странските агенции, туку и со големите платформи како на пример објавување книга во дигитална верзија на „Амазон”. Еден од најзначајните акценти на Агенцијата би паднал на меѓународната промоција, што опфаќа различни промотивни и продажни стратегии на репрепрезентативните дела. Ова подразбира воспоставување однос со големите платформи за продажба на книги од типот на: Amazon.com, Barnes and Noble, Google Books, Apple Books, Vivlio, Simon & Schuster и други.
Во некоја малку поразвиена фаза, Агенцијата би можела да ангажира експерти за маркетинг и продажба на овие платформи, откако првин би биле обезбедени човечки ресурси и соодветни средства за високо квалитетни преводи.
Во оваа фаза, Агенцијата воедно би им ставала на располагање и одредени човечки потенцијали на писателите со цел нивно подобро запознавање со светските книжевни текови, со цел подобро „таргетирање” на читателите од различните книжевни средини и жанрови.
Сето ова би придонело квалитетно преведените македонски книги да остваруваат пореален „допир” со светските читателски трендови, а со цел да станат побарани од публиката, а македонските писатели да бидат и подобро етаблирани и номинирани за значајните светски книжевни награди.
Македонските автори кои би биле регистрирани на платформата би добивале одредени приходи за своите дела
Агенцијата за книга би вршела голема услуга за авторите: поврзување со соодветни издавачи, договори и плаќање на авторските права. За авторите ова е шанса за да ги понудат ракописите на стручни лица од Агенцијата, која може да го помогне процесот на поврзување на авторот со соодветниот издавач.
Некои од авторите сметаат дека писателската професија би можела да биде финансиски обезбедена токму со помош на средства од агенциите.
„Добро би било професијата писател да биде еден вид платена професија каде во текот на годината ќе пишуваш одредени трудови и книги за кои си платен, бидејќи знам дека во некои европски земји тоа е платено преку самите агенции за книги”, вели Марина Мијаковска, современа македонска поетеса и раскажувачка.
Повеќето агенции низ светот се специјализирани во одредени жанрови и се држат до ракописите што одговараат на бараните критериуми за претставување на жанрот, на пример научна фантастика, трилери и мистерии, книги за деца, романси… Клучен е и моментот на регистрација за домашните автори со цел да се има увид за правилна распределба на парите од Агенцијата за книга, т.е. „авторот да биде платен според напишаното” или согласно побарувачката на неговите дела.
„Бидејќи имаме сè поголем број на домашни автори кои сакаат да издадат свои дела, некои се недоволно информирани или можеби немаат доволно средства и токму литературната агенција би помогнала за пристап до читателскиот пазар. Едноставно би ги насочила пред издавачите или би направила филтер селекција на поквалитетни дела и едноставно би се ставил некој ред, а од друга страна би се поддржале младите автори со совети за тоа како да си ги отстварат своите права пред издавачите”, вели Анде Јанков, современ македонски писател.
Стратешка распределба на средствата за репрезентативни дела од современата и млада македонска литература и нивна меѓународна промоција
„Литературна агенција е потребна во Македонија заради повеќе фактори. Прво за да можат авторите да се презентираат во странскиот издавачки свет, а за да се изврши тоа, потребна е малку поголема инвестиција во друга сфера. Да се направат повеќе преводи на македонски наслови или да се направат извадоци од целосно преведени книги извадоци, или каталози, бидејќи без нив, не може да се промовиараат тие книги, па макар и со литературен агент заради тоа што нема што да се претстави. Најпрво мора да се направат преводи на повеќето македонски автори и да бидат претставени на една платформа или интернет страница. Потоа да се оформи агенција или да се побара агент кој ќе може да ги презентира книгите по саеми. Трошоци за презентирање по тие саеми на маса, така се вика таа во Франкфурт, односно тејбл каде што се сите литературни агенти и агенции за да можат да ја претстават македонската литература. Тоа се најважните трошоци што треба да се издвојат. Од досегашното искуство, не е секогаш тоа добитна комбинација – да се најде литературен агент од Македонија. Тој прво мора да се обучи како да ги претставува книгите. Но тоа не е доволно затоа што има многу книги и многу агенти од различни држави. Мора добро да се подобри системот што е за поддршка на странски издавачи во Македонија кој моментално не функционира добро за да ги поттикне другите издавачи да аплицираат со македонска литература и да може тој литературен агент да ги продава тие авторски права и да ги натера тие издавачи од странство да аплицираат и да објавуваат македонски книги. Една од првите и една од нашите верни соработнички и литературни агентки е Нермин Молаоглу од Турција со која имаме долгогодишна соработка и таа работи во двата правци. Продава права од турски автори на странски издавачи и од странски издавачи продава на турските издавачи”, вели Филип Баткоски, директор на издавачката куќа Бата Прес.
Поефикасно меѓународно поврзување и посредување во издаваштвото и издавачките куќи
Ставот на македонските издавачи е позитивен во однос на прашањето за основање Агенција за книга во Македонија, за да добијат можност да им бидат претставени и промовирани нивните книги на европските книжевни пазари и секако соработка со приватните агенти кои не може да ги застапи самата држава.
Издавачката куќа „Aнтолог”, организатор на BookStar – првиот фестивал на европската литература во нашата држава, заклучно со 2021 година во Скопје донесе дваесетина писатели од речиси сите европски земји во соработка со приватните агенти за книга. Издавачката куќа „Прозарт”, пак, е препознатлива по програмата „Skopje Fellowship” и е посветена на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути.
„Фестивалот Про–за Балкан го почнавме во 2013 година, бидејќи тогаш Скопје беше еден од ретките главни градови на држава без сериозен интернационален прозен фестивал. И затоа што писателите немаа речиси никаква платформа за претставување. Потоа, со цел да ја развиеме видливоста на нашите и на писателите од Балканот, ја почнавме Скопје фелоушип програмата. Знаете, пред само десетина години, во Македонија немаше речиси ниту еден писател застапуван од литературен агент. Кога во Скопје дојде легендарната дама од светот на книгите, Луис Ен Фишер (литературен скаут за голем број најреномирани издавачки куќи од светот), луѓето првпат слушнаа дека, освен спортски, има и литературни скаути. Со Скопје фелоушип програмата го подигнавме нивото на свесност за потребата на литературни агенти, но и соработката помеѓу нив и издавачи и писатели од регионот. Некои од издавачите и агентите што беа во Скопје, не е лесно да ги контактирате или да закажете состаноци ни ако отидете во Франкфурт”, вели Дејан Трајкоски, директор на издавачката куќа „Прозарт”.
Македонските издавачи соработуваат со повеќе литературни агенции од другите земји, како на пример со литературната агенција „Набу” основана од Силвија Брунели, агенцијата „Астие-Пеше” од Париз чиј уредник е Пјер Астие, литературната агенција „Корто” на Диана Матулиќ и со многу други…
„Со странски автори немаме никаков контакт, ние не објавуваме странски книги. Се разбира дека би било корисно да има Агенција во Македонија затоа што има издавачи кои објавуваат странски автори и за промоција на нашите автори како промоција за надвор кога би доаѓале тука како Министерството за култура што имаа поддржано објава на електронски формат на одредени книги. Имаме двапати конкурирано до УНЕСКО, до програмата Цивика мобилитас тука кај нас, проекти имавме за поддршка на млади и талентирани автори. Едниот беше до 30 години, другиот малку повозрасна група, до 35 години и тие проекти траеа по 12 месеци и тука веќе имаше награди за авторите кои првпат објавуваат кај нас”, вели Андреа Ичокаева Бундалевска, управител на фондација Македоника.
И „малите” книжевни средини имаат јасно оформени стратегии за промоција на своите национални литератури
Од балканските земји, Словенија има државна агенција преку која инвестира во промовирање на словенeчки автори во светот, а исто така е во фокус на интерес и на франкфуртскиот саем. Хрватска има константна програма за претставување на домашни автори и преку Агенцијата за книга имаат посебна програма за поддршка на странски издавачи. Србија исто така има јасна стратегија преку Агенцијата за книга. Грузија има јака стратегија за самите домашни автори, државата инвестира во нивните издавачи за да се поддржат преводи на странски издавачи. Во Македонија програмата не е јасна и констатнтна. Ставот на македонските писатели е дека хонорарите од Министерство за култура се недоволни за остварување на книжевните цели и затоа е потребно да биде оформена специјализирана Агенција за книга.
„Во Македонија не може да се живее само од пишување. Се појавуваат многу автори и дела и можеби тоа е поразително за нашата професија. Тој квантитет, таа продукција на автори, на дела – прави да се изгуби квалитетот во оваа дejност затоа и третманот на авторите не е како што е во европските земји. Хонорарите се мали за да се издаде книга, најчесто оди преку поддршка од Министерство за култура, од град Скопје, а некогаш комбинирано. Од тие хонорари не може да се живее, но останува само делото да биде сатисфакција на авторот дека оставил една трајна културна вредност. Треба да се издигне нивото на авторите и секако зад тоа треба да стои државата. Неопходно е да се зголемат хонорарите за авторите пред сè затоа што сенавистина катастрофални. Последните години не можам да добијам ниту 500 евра за книга брз разлика дали е докторат, научен труд или уметничко дело. Нема точна распределба на тоа колку треба да се вреднува. Хонорарите се горе – долу исти без разлика колку и каква книга ќе напишеш. Со тие пари авторот може да си дозволи само едно скромно патување низ земјава или во некоја балканска земја, друго ништо. Не може да се живее од тие средства, генерално хонорарите се многу мали во последните години, навистина треба да се преземе нешто”, вели Марина Мијаковска.
Минималниот износ на поддршка од Министерството за култура е 500 евра, а максималниот 5.000 евра, но ретко да постои автор кој ја добил максималната сума на средства. Преку државна Агенција за книга би се овозможила стабилна и навремена финансиска поддршка за младите, навремено плаќање и појасен пристап за аплицирање.
„Тука е клучен моментот на доделување на средства само за еден проект за едно лице. Верувам дека е доста тешко финансиски да се издржи како автор кој живее само од пишување, без да се има дополнителна работа со која би отстварувал приходи. Од она што јас сум го забележал досега е многу тешко, бидејќи авторот треба да е хиперактивен. Една таква литературна агенција во голема мера би помогнала не само во нашите рамки во Македонија, туку и на регионално ниво, но и на европско… би имала задача за промовирање на домашни македонски автори и нивни дела надвор од границите на Македонија. Сега како што стојат работите, авторите се оставени сами на себе, издавачите помагаат колку што можат, но не доволно бидејќи имаат проблеми и дома и едноставно такво едно тело би било плус предност за сите кои што би застанале под негова палка како заштитни лица, домашни автори”, вели Анде Јанков.
Преку Агенцијата за книга државата би можела да обезбедува средства за домашните автори и издавачи благовремено, односно во текот на целата година (наместо преку еднократниот Годишен конкурс), со што би се динамизирал и адаптирал пристапот на државата кон нивните потреби. Освен ова, средства би се издвојувале и за поширок спектар на можности одошто само за објавување книги, како на пример, за проширени програмски активности на организации од типот на Друштвото на писателите, кои во таков случај и самите би биле попоттикнати кон заживување, а би се вложиле и напори за згрижување на писателите во неповолни економско-социјални услови и тн.
„Не сум сигурен дали воопшто постои писател во Македонија, па и пошироко, кој може да егзистира од напишаното. И тоа е така без разлика на квантитетот на објавени дела, знам автори кои имаат над стотина објавени книги со ниска комерцијална вредност, а знам и автори кои имаат неколку дела со висока комерцијална вредност која исто така не е задоволителна во поглед на „остварување на живеачка”. Многу тешко дека можат да се преживее од пишување, освен кога е тоа ghostwriting или пак copywriting за одредени, најчесто странски фирми, но со самото тоа влегување во системот понуда-побарувачка наложен од „сурово маркетиншки” ориентираниот капитализам, тие автоматски се откажуваат од добар дел од суштината на она што го нарекуваме квалитет во литературата, односно креативен потенцијал. Таа жртва е апсолутно нужно зло за да се преживее од некаков облик на пишување, но да не се лажеме тоа е еден, во поголема мера техничко-формален пристап, отколку креативен кога станува збор за книжевно – уметничкото творештво”, вели Стефан Марковски.
Амазон како алатка за остварување поголема меѓународна препознатливост на книжевните дела
На „Aмазон се продаваат вкупно 4 книги на Марковски преведени на англиски јазик.
„За ова се потребни сознанија за самото функционирање на Амазон како средина, а во извесна мера и еден пристап кој има јасни цели во однос на својата публика, но без разлика на сè, мора да бидеме реални во поглед на тоа дека кај самиот автор на крајот завршуваат помал дел од средствата одошто кај Амазон, што не е случај со некои други платформи со онлајн продажба на книги, кои пак, имаат бројни други ограничувања. Сепак, во името на потенцијалот за остварување допир со поголема публика и поголемо меѓународно етаблирање, Амазон може да биде една од поважните алатки”, вели Стефан Марковски.
„Да, тоа е друг начин на дополнителни приходи, доколку во електронска верзија книгата се најде на некој од странските пазари. Тука конкуренцијата е многу поголема и треба да си навистина многу упорен и да имаш многу дела, за кога ќе се соберат сите приходи од повеќе страни да излезе просечна плата во износ на наши стандарди”, вели Анде Јанков.
И издавачите и писателите се согласни дека формирање Агенција за книга би била од голема важност за сите луѓе од областа на книжевноста и издаваштвото. Преку воспоставените односи со странските издавачи и агенти би се овозможило збогатување и оддржлива промоција не само на македонската литература, туку и на културните проекти кои би биле препознатливи за нашата земја. Воедно, со улогата на посредник во процесите кои ги поврзуваат различните чинители на книжевното издаваштво, таа би придонела за динамизација на целиот процес, додека истовремено, со свои автономни ангажмани оваа институција би можела да вложи напори и за зголемувањето на свесноста за квалитетните книги кај домашната публика. Преку една државна Агенција за книга би се интензивирале активностите околу македонската литература, поцврсто би се зачувало и заштитило македонското литературно богатство преку ваква институција специјализирана само за книжевни дела.
Подготви: Верица Мукоска