Прв настап на хорот од Бигорскиот манастир на официјален настан во Атина – аплауз и воодушевување од публиката
Атинскиот Соборен храм посветен на Светото Благовештение на Пресвета Богородица, храм-паметник на Православната Црква во Грција, место на многу свештени богослужби, на значајни настани и годишнини, беше сведок на уште едно уникатно и историско собитие.
Имено, на покана на Министерството за култура и спорт на Грција и на Здружението на псалти од Атика „Свв. Роман Слаткопевец и Јован Дамаскин“, а со благослов на Архиепископот Атински и на цела Грција, г. Јероним, хорот на Братството на Свештената Бигорска Обител настапи на Правиот меѓународен фестивал на византиска музика во Атина. Ова е за прв пат хор од нашата Црква да настапува на настан од ваков вид во Грција, така што самото тоа претставува голем исчекор во зближувањето на двата православни братски народи.
Мотото на овој фестивал гласи: „Единството на Уметноста во споменот на заедничката Вера и на истозначното Минато“. Главниот организатор на настанот, Претседателот на Здружението на псалтите на Атика, г. Илијас Редијадис Тумбас, кој со својата хородија досега во два наврати има пеено на богослуженија во Бигорски, во своето поздравно обраќање, посвети посебно внимание на гостувањето на нашето братство, возглавено од старецот, Епископ г. Партениј:
- Пречекуваме две хорски групи, помеѓу кои и хорот на монашкото братство на Бигорски и нивниот Игумен, пријател на грчкиот народ, преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, којшто во 2018 година беше прогласен за почесен граѓанин на Европа од страна на Европарламентот, за неговото многустрано пастирско, хуманитарно и образовно дело во соседната земја, Македонија“.
На концертот присуствуваа претставници од централната и локалната власт во Атина, свештенослужители од Православната Црква во Грција, десетици протопсалти и најистакнати хорарси и учители по црковно пеење од цела Грција и од Константинопол и бројни верници и љубители на источно-православното пеење.
Во текот на концертот со почесни медали беа одликувани десетина знаменити јеропсалти и учители кои дале особен придонес во запазувањето и развојот на древното православно пеење. Од името на сите нив, благодарствен говор одржа протопсалтот на Вселенската Патријаршија од Константинопол, легендарниот г. Демостен Паикопулос.
Нашиот хор, предводен од хорархот Анатолиј јеромонах, настапи на крајот од предвидената програма и со својата беспрекорна изведба ги освои восхитот и воодушевувањето на публиката, а долготрајниот аплауз само го потврдуваше тоа.