
Во Нови Сад свечено беа одбележани две децении од почетокот на емитувањето програма на македонски јазик и радио-емисијата „Македонско сонце“ на Радио Телевизија Војводина (РТВ).
Големиот јубилеј, заедно со емитувањето на илјадитата емисија, официјално беше одбележан во септември 2026 година, со што Македонската редакција ја прослави и 20-годишнината од своето постоење и континуирана работа во рамките на јавниот медиумски сервис на Војводина. Почетоците датираат од декември 2006 година, кога за првпат беше емитувана получасовната емисија на македонски јазик, со што започна една значајна медиумска приказна за Македонците во Србија.
Овој значаен јубилеј беше повод за потсетување на почетоците, предизвиците, развојот и улогата на македонското информирање во медиумскиот простор на Србија, но и за оддавање признание на сите оние кои во изминатите 20 години посветено работеа македонскиот збор да се слуша, да се негува и да живее во јавниот простор.
На свеченоста, за значењето на информирањето на мајчин јазик, како и за патот кој го помина Македонската редакција, зборуваа Златко Јанкуловски, актуелен уредник на Македонската редакција, Елисавета Ивановиќ, првата уредничка и една од зачетниците на информирањето на македонски јазик во Србија, Јулијана Милутиновиќ, уредничка на радио-емисијата „Македониум“, и Зорица Митровиќ, претседателка на Македонскиот национален совет.

Свои обраќања имаа и претставници на раководството на Радио Телевизија Војводина, како и Атила Мартон, уредник на Втората програма на РТВ, кои го истакнаа значењето на програмските содржини на јазиците на националните заедници и нивното место во јавниот медиумски сервис.
На одбележувањето присуствуваа и Озрен Симјановски, директор на НИУ МИИЦ, Васко Шутаров, директор на Културно-информативниот центар во Белград, како и Марјан Јованоски, секретар на Македонскиот национален совет.

Дваесет години истрајност, посветеност и македонски збор
Дваесет години „Македонско сонце“ се многу повеќе од јубилеј на една медиумска емисија. Тоа се две децении континуирано присуство на македонскиот јазик во етерот, сведоштво за истрајноста на една заедница и потврда дека јазикот и културата се темелите врз кои се гради и зачувува националниот идентитет.
Зад оваа приказна стојат визијата, храброста и ентузијазмот на луѓето кои пред две децении ги поставија темелите на македонското информирање во Србија. Нивната посветеност овозможи македонската заедница да добие сопствен медиумски простор, место каде што ќе може да ги споделува своите приказни, да ги афирмира културните вредности, да ги следи сопствените активности и да го зачува својот јазичен и национален идентитет.
Во текот на годините, „Македонско сонце“ стана препознатлив глас на Македонците во Војводина и пошироко, мост меѓу генерациите, културите и традициите.

Новите генерации – предизвик и одговорност за иднината
Одбележувањето на 20-годишниот јубилеј не е само поглед кон минатото, туку и можност да се отворат нови перспективи за иднината. Медиумскиот свет се менува, а со него се менуваат и навиките, потребите и интересите на публиката.
Токму затоа, еден од важните предизвици во наредниот период е македонските медиумски содржини да им станат уште поблиски на младите генерации, преку следење на современите медиумски и дигитални трендови, развивање нови формати и создавање квалитетни, современи и содржајни програми.
Зачувувањето на јазикот не е задача само на институциите и медиумите, туку заедничка одговорност на целата заедница. Зашто јазикот живее кога се зборува, кога се слуша, кога се пренесува од генерација на генерација и кога младите во него го препознаваат сопствениот идентитет.
Јубилејот на „Македонско сонце“ е потврда дека она што започнало пред 20 години како визија, денес е важен дел од македонската културна и медиумска приказна во Србија.


Со благодарност до сите кои ги поставија темелите, до оние кои низ годините ја продолжија оваа мисија и до сите кои денес го чуваат македонскиот збор во етерот, останува надежта дека следните децении ќе донесат уште повеќе нови идеи, содржини и успеси.
Нека продолжи да грее „Македонско сонце“ – како симбол на македонскиот јазик, култура и идентитет во Србија!
За многу години јубилејот!



