ВестиКултура

Музичко-етнолошки камп во Берово ги поврза децата од дијаспората со македонската традиција

Во Берово од 20 до 25 јули се одржа Музичко-етнолошки камп за деца од дијаспора, во организација на Агенцијата за иселеништво. На кампот учествуваа 45 ученици од повеќе европски земји, меѓу кои Германија, Хрватска, Малта, Турција, Словенија, Србија, Шведска и Обединетото Кралство.

Меѓу учесниците беа и ученици од Лесковац кои го изучуваат македонскиот јазик со елементи на националната култура во основните училишта. За нив, како и за останатите учесници, кампот претставуваше можност преку непосредно искуство да го запознаат македонскиот јазик, фолклор, обичаи и традиција.

Во рамки на петдневната програма, учесниците преку низа музички, фолклорни, етнолошки и креативни активности имаа можност поблиску да се запознаат со македонската традиција и културното наследство. Дел од програмата беа работилници за народни ора, традиционална музика и инструменти од различни етнографски региони на кои се запознаа со богатството на македонскиот фолклор, народните носии, изворните музички инструменти, традиционалниот македонски вез и симболиката на народните шари, како и со мотивите и темите застапени во македонската изворна песна, стари занаети, ткаење и подготовка на традиционални македонски јадења преку кои учесниците имаа можност да се запознаат со гастрономското наследство и обичаите поврзани со него.

Кампот опфати и посети на културно-историски знаменитости, манастири, Музејот на Берово, како и активности во природата и запознавање со природните убавини и културно-историски вредности на Малешевијата.

На свечената завршна приредба, учесниците ги презентираа знаењата и вештините стекнати во текот на кампот, изведувајќи дел од научените македонски народни ора, меѓу кои „Копачка“, „Пајдушко“ и „Малешевка“, како и други традиционални кореографии.

За успешно учество, на сите учесници им беа доделени благодарници, како признание за нивниот интерес, посветеност и активното учество во програмата.

Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, им се заблагодари на учесниците за нивниот ентузијазам и активното учество, истакнувајќи дека младите од дијаспората се најзначајни амбасадори на македонската култура ширум светот и ги повика и во иднина да бидат дел од програмите и активностите што ги организира Агенцијата за иселеништво, со цел уште посилно поврзување со татковината, македонскиот јазик, традицијата и културното наследство.

Музичко-етнолошкиот камп во Берово уште еднаш го покажа значењето на ваквите активности за одржување на врската на младите од дијаспората со македонскиот јазик, културата и традицијата, како и кон нивното запознавање со културното и природното богатство на Македонија.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top button