ВестиМакедонија

35 години историско „ДА“ 8 Септември – Денот на независноста на Македонија

Оваа година се навршуваат 35 години од историскиот 8 Септември 1991 година – денот кога македонските граѓани, преку демократски изразена волја, го потврдија стремежот кон слободна, суверена и самостојна држава.

8 Септември е еден од најзначајните датуми во современата македонска историја. Тој не е само празник, туку симбол на историскиот момент во кој една генерација ја презеде одговорноста сама да ја определи иднината на својата земја.

ПATOT КОН ИСТОРИСКАТА ОДЛУКА

Патот кон осамостојувањето се одвиваше во еден од најбурните периоди од историјата на поранешна Југославија. Во услови на политичка криза и распаѓање на југословенската федерација, првиот повеќепартиски македонски парламент на 25 јануари 1991 година ја усвои Декларацијата за самостојност, сувереност и независност на Република Македонија.

Со тој историски акт беше направен важен чекор кон остварувањето на вековниот стремеж за сопствена и независна држава.

Следуваше одлуката граѓаните непосредно да ја изразат својата волја.

На 8 септември 1991 година беше одржан референдум на кој граѓаните одговараа на прашањето:

„Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

Од вкупно 1.495.626 граѓани со право на глас, на референдумот излегле 1.132.981 граѓанин, односно 71,85 отсто. Од нив, 1.079.308 граѓани, или 95,09 отсто од оние што гласале, се изјасниле „за“ самостојна Македонија.

Резултатот беше јасна потврда на волјата на граѓаните и одлука што го означи почетокот на ново поглавје во македонската историја.

НОЌТА КОГА СКОПЈЕ ЗАПЕА

По затворањето на избирачките места, во Скопје, но и во другите градови ширум земјата, започнаа спонтани прослави. Илјадници граѓани се собраа на плоштадот „Македонија“, каде што Македонското радио организираше свечена програма под наслов „Глас за Македонија“. Пеењето, музиката и чувството на заедништво ја исполнија вечерта со посебна емоција.

Во еден од највпечатливите моменти од таа ноќ, членовите на групата „Меморија“ ја засвириле преработката на песната „Македонија“, а илјадниците насобрани граѓани ја пееле заедно. Во тие моменти музиката станала симбол на радоста, надежта и чувството дека се испишува нова страница во историјата.

Кога резултатите беа потврдени, Киро Глигоров, кој подоцна стана првиот претседател на независна Република Македонија, им се обрати на граѓаните со зборовите:

„Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва вам и на сите граѓани и граѓанки на Македонија да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“

Овие зборови останаа запишани во колективната меморија како симбол на еден историски миг .

Оттогаш, 8-ми септември стана државен празник – Ден на независноста.

Празникот се прославува со државни манифестации, концерти и сенародни собири. Традиционално се доделува државно одликување Орден „8 Септември“ на истакнати личности и институции.

ТЕМЕЛИТЕ НА СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА

По референдумот продолжи процесот на конституирање на новата држава, односно уставни и политички чекори со кои Македонија го заокружи процесот на осамостојување. На 17 ноември 1991 година беше донесен Уставот на Република Македонија, со што беа поставени темелите на независната македонска држава.

Особена историска вредност има фактот што процесот на осамостојување на Македонија се одвиваше мирно и без вооружен конфликт, во време кога распадот на Југославија беше проследен со војни, човечки жртви и разурнувања.

Тоа е наследство што и денес има особена тежина.

35 ГОДИНИ ПОДОЦНА

Три и пол децении по историскиот референдум, 8 Септември останува еден од темелните датуми на современата македонска државност. Тој е симбол на државноста, слободата и правото на граѓаните сами да ја определуваат својата иднина. Тој ги обединува спомените на генерациите кои ја носеле идејата за слободна Македонија со одговорноста на генерациите што ја градат нејзината иднина.

Зашто државата не се создава само со еден историски чин. Таа се гради и се чува со знаење, труд, достоинство и одговорност.

Независноста не е само стекнато право, туку и обврска. Обврска да се почитуваат слободата, достоинството и различностите, да се чуваат државните и културните вредности и да се создава подобра иднина за оние што доаѓаат.

На 8 Септември се потсетуваме на денот кога граѓаните ја кажаа својата историска одлука. Се потсетуваме дека зад секоја држава стојат генерации луѓе, нивните надежи, жртви, труд и верба во иднината.

8 Септември е празник на слободата. Празник на државноста. Празник на независна Македонија.

Нека овој ден секогаш нè потсетува дека слободата се наследува, но и се чува, се почитува и се гради со секоја нова генерација.

35 години подоцна, историското „ДА“ од 1991 година и понатаму останува дел од колективната меморија на Македонија.

Ден на сеќавање.Ден на гордост.Ден на државност.

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВЕН  ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА!

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top button