ВестиКултура

Летна школа во Охрид ги обедини младите Македонци од дијаспората

Јазикот, културата и љубовта кон татковината како најсилна врска

Од 31 јули до 6 август 2026 година, Охрид и годинава беше место каде што македонскиот јазик, културата, традицијата и младоста се сретнаа во една прекрасна приказна. По осумнаесетти пат се одржа Летната школа по македонски јазик за деца  од македонската дијаспора.

Во организација на Агенцијата за иселеништво, деца на возраст од 12 до 16 години имаа можност да го усовршуваат македонскиот јазик, да ја запознаат македонската култура, историја и традиција, но и да создадат нови пријателства.

Особено значајно беше учеството на ученици кои го изучуваат македонскиот јазик со елементи на националната култура во основните училишта во Лесковац. За нив, учеството на школата претставуваше исклучителна можност стекнатото знаење да го надградат, но и да се поврзат со свои врсници од други земји кои го носат македонскиот јазик и култура во своите домови и средини.

Школата годинава за првпат се одржа под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, кој на отворањето порача дека македонскиот јазик е најсилната врска што ги обединува Македонците, без разлика каде живеат.

 „Македонскиот јазик е нашиот идентитет, нашата култура и најсилната врска што нѐ обединува, без разлика каде живееме. Затоа, особено е важно најмладите да го негуваат мајчиниот јазик и да ја продолжат љубовта кон Македонија“, истакна Мицкоски.

Наставата ја реализираа професорките м-р Розита Закева и Ана Петровска. Со современ, интерактивен и пристапен метод, тие на учениците им овозможија не само да ги усовршат јазичните и комуникациските вештини, туку и подобро да ги запознаат културните и историските особености на Македонија. Посебно внимание беше посветено на одбележувањето на Илинден – еден од најзначајните датуми во македонската историја.

Програмата беше исполнета со дружење, спортски и креативни активности, прошетки и запознавање со дел од најубавите места во охридскиот регион. Учениците го посетија Вевчани, манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски“ и други културни и природни знаменитости.

Посебна радост донесе пловењето со брод по Охридското Езеро – уживањето во прекрасните пејзажи, чистото езеро и природата, но и неизбежните летни моменти исполнети со смеа.

Школата заврши со изложба на ученички творби, проекција на филм, доделување дипломи, заедничко фотографирање и традиционални македонски танци. Имаше и многу прегратки, понекоја солза и ветувања дека пријателствата ќе продолжат и по враќањето дома.

Летната школа по македонски јазик уште еднаш покажа дека јазикот е многу повеќе од зборови – тој е корен, припадност и мост меѓу младите генерации во дијаспората и нивната татковина.

Голема благодарност до Агенцијата за иселеништво за организацијата и гостопримството, како и за можноста најмладите генерации од дијаспората да ја почувствуваат Македонија, да го негуваат својот јазик и да создадат спомени што ќе ги носат со себе долго по завршувањето на летото.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Погледнте и
Close
Back to top button