Јулската програма на белградскиот КИЦ донесе и концерт на 14-годишниот гитарист Коста Давчевски, кој пред белградската публика се претстави со „Јулска нотна магија“. Концертот го најави директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров, а публиката со големо внимание и аплаузи го проследи настапот на еден од најперспективните млади гитаристи во Србија.


Давчевски се образува во Музичкото училиште „Коста Манојловиќ“ во Земун, на насоката класична гитара, а паралелно учи и музичка продукција. И покрај младата возраст, зад себе веќе има бројни први награди и лауреатски признанија, како и настапи на фестивали и натпревари во Белград, Нови Сад, Ниш, Будимпешта и Бугарија. Првиот солистички концерт го одржал на само 13 години, а настапувал и во Скопје, Охрид, Ќустендил, Заечар и во Народниот музеј на Србија во Белград.


Концертот во КИЦ беше и почеток на проектот за поддршка и афирмација на млади музички таленти кои учат, студираат или живеат во Србија. Со сигурниот сценски настап, музичкиот сензибилитет и зрелата интерпретација, Коста Давчевски покажа зошто веќе го следи глас на млад виртуоз чиј понатамошен уметнички развој заслужува внимание.



