
Претставниците на Македонскиот национален совет во Република Србија, предводени од секретарот на Советот, Марјан Јованоски, и директорот на Македонскиот информативен и издавачки центар, Озрен Симјановски, заедно со претставниците на македонската заедница во Белград, остварија средба со потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Антонио Милошоски.
Средбата се одржа во просториите на Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград, во присуство на амбасадорот Никола Тупанчески и директорот на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Белград, Васко Шутаров.
На средбата беа разгледани актуелните прашања од значење за македонската заедница во Република Србија, со посебен акцент на унапредувањето на нејзината положба, зачувувањето на националниот, јазичниот и културниот идентитет, како и продлабочувањето на соработката со институциите на матичната држава.
Претставниците на Македонскиот национален совет ги презентираа досегашните активности, тековните проекти и предизвиците со кои се соочува македонската заедница во Република Србија, нагласувајќи ја важноста од континуирана институционална поддршка и заедничка координација во реализацијата на идните иницијативи.
Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Антонио Милошоски, ја истакна важноста на Македонскиот национален совет како клучна институција во заштитата и афирмацијата на правата на Македонците во Република Србија. Тој изрази подготвеност за натамошна соработка и поддршка во насока на зајакнување на врските меѓу матичната држава и македонската дијаспора.
Соговорниците оценија дека ваквите средби претставуваат значаен придонес за натамошно унапредување на соработката, размената на идеи и координираното делување во интерес на македонската заедница во Република Србија.

