
Во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура – Допир на Македонија 2026“, во Атриумот на Народниот музеј во Белград се одржа концертот „Македонска рапсодија“, музичка вечер посветена на творештвото на македонските композитори и богатството на македонската музичка традиција.
Пред бројната публика беа изведени дела од македонски автори, претставувајќи ја убавината, емоцијата и препознатливиот музички израз на македонската култура. Концертот уште еднаш потврди дека македонската уметност има свое заслужено место и надвор од границите на татковината.
Посебна чест за македонската заедница во Србија претставуваше премиерната изведба на авторската композиција „Извор“, која младиот композитор и пијанист Никола Лекиќ ја создаде специјално за оваа манифестација. Токму ваквите дела покажуваат дека младите генерации не се само чувари на традицијата, туку и нејзини современи продолжувачи, создавајќи нови уметнички вредности инспирирани од македонското културно наследство.


Публиката со особено задоволство ја проследи и Вероника Мона Богиќ, млада уметница чиј развој со години го следиме преку програмите на здружението „Македониум“. Покрај извонредните интерпретации на дела од македонски композитори, таа се покажа и како одличен водител на вечерта, водејќи ја публиката низ програмата со сигурност, топлина и искрена љубов кон македонската култура.
Пред почеток на концертот се обрати претседателката на Макеоднскиот национален совет Зорица Митровиќ, која помеѓу другото упати искрени честитки до сите уметници, организатори и до здружението „Македониум“ за успешно реализираниот концерт и за еден од највпечатливите културни настани оваа година, со кој на достоинствен начин беше отворено годинешното издание на манифестацијата „Допир на Македонија 2026“. На настанот присуствуваше и членот на Советот проф. др Венцислав Грабулов.
Вечерта беше исполнета со силни емоции, аплаузи и чувство на гордост, потврдувајќи дека културата останува еден од најважните мостови што ги поврзуваат Македонците, без разлика каде живеат.




