ВестиКултураМакедонијаМакедонци во светот
Актуелно

Осум децении заедно: Македонците во Војводина достоинствено го одбележаа големиот јубилеј

Со свечена академија во Нови Сад, во организација на Македонскиот национален совет, беше одбележан значајниот јубилеј – 80 години од организираното доселување на Македонците во Војводина. Настанот собра бројни претставници на институциите на Република Србија и Република Северна Македонија, дипломатскиот кор, покраинските и локалните власти, културни и образовни установи, како и голем број припадници на македонската заедница од сите делови на Србија.

На академијата присуствуваа претседателот на Владата на Република Србија проф. д-р Ѓуро Мацут, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, претседателката на Покраинската влада Маја Гојковиќ, амбасадорот на Република Северна Македонија во Србија Никола Тупанчески, претставници на покраинските секретаријати, установи на културата со кои Македонскиот национален совет остварува долгогодишна соработка, директори и наставници од училиштата во кои се изучува предметот Македонски јазик со елементи на националната култура, претставници на локалните самоуправи, македонски здруженија и членови на Македонскиот национален совет.

Во своето обраќање, претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ истакна дека осум децении од доселувањето не претставуваат само историски податок, туку сведоштво за генерации луѓе кои успеале да изградат нов живот, а истовремено да го зачуваат својот јазик, култура, традиција и чувство на припадност.

Таа нагласи дека Република Србија претставува пример за почитување на правата на националните малцинства и изрази благодарност за поддршката што македонската заедница ја добива од државните и покраинските институции. Во своето обраќање ја претстави и иницијативата Нови Сад да добие спомен-обележје „Мајка Македонија“ – симбол на корените, припадноста и нераскинливата врска на Македонците со својата татковина.

Претседателот на Владата на Република Србија, проф. д-р Ѓуро Мацут, порача дека Македонците во Србија не се само национална заедница, туку дел од заедничкиот живот и идентитет на државата. Тој истакна дека пријателството меѓу српскиот и македонскиот народ ги надминува политичките рамки и почива на длабоки човечки, семејни и историски врски.

„Уверен сум дека секој Македонец во Србија се чувствува како дома, бидејќи ова е наш заеднички дом што го градиме заедно“, порача Мацут, најавувајќи дека Владата на Србија и понатаму ќе биде партнер во зачувувањето на јазикот, културата и идентитетот на македонската национална заедница.

Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, истакна дека историјата на Македонците во Војводина не може да се раскаже преку бројки, туку преку животните приказни на луѓето кои по Втората светска војна дошле во овие краишта и оставиле длабока трага во развојот на општеството.

Тој нагласи дека Македонците во Србија со децении придонесуваат во земјоделството, стопанството, науката, образованието, културата и јавниот живот, а истовремено успеале да ја зачуваат својата национална и културна посебност.

„Јазикот е многу повеќе од средство за комуникација. Тој е врска со корените, со спомените и со идентитетот“, истакна Мицкоски, оддавајќи признание на сите организации, наставници, културни работници и семејства кои осум децении ја чуваат македонската реч во Србија.

Претседателката на Покраинската влада Маја Гојковиќ порача дека Македонците се неодвоив дел од општествениот, културниот и економскиот развој на Војводина и дека нивниот придонес претставува богатство за целата покраина.

Во рамките на свеченоста беа доделени и специјални плакети за исклучителен придонес во унапредувањето на правата на македонската национална заедница во Република Србија. Признанијата им беа врачени на претседателот на Владата на Република Србија проф. д-р Ѓуро Мацут, претседателката на Покраинската влада Маја Гојковиќ и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски.

Посебен белег на академијата остави богатата културно-уметничка програма која предизвика силни емоции и долги аплаузи кај присутните. Националниот ансамбл „Танец“, еден од најголемите амбасадори на македонската култура, ја воодушеви публиката со изведба на традиционални македонски песни, како и со легендарното „Тешкото“ и орото „Копачка“, впишано на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Особени симпатии предизвика настапот на хорот при Основното училиште „Доситеј Обрадовиќ“ од Пландиште, кој со детската искреност и љубов кон македонската песна внесе посебна топлина во програмата. Настапија и учениците од Основното училиште „Коста Стаменковиќ“ од Лесковац со пригоден рецитал, додека музичките уметници Андријана Јаневска и Владимир Саздовски ја заокружија свеченоста со изведба на познати македонски композиции.

Химните на Република Србија и Република Северна Македонија ги изведоа Владимир Саздовски и Оливер Њего, а низ програмата публиката ја водеа македонските актери Драгана Левенска и Васил Зафирчев.

Преку музика, песна, игра и поезија, свечената академија испрати силна порака дека осум децении по доаѓањето на првите доселеници, македонскиот јазик, култура и традиција продолжуваат да живеат и да се развиваат во Србија. Јубилејот беше не само потсетник на минатото, туку и сведоштво дека македонската заедница останува жив и активен дел од мултикултурното богатство на Војводина и Република Србија.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top button