Во пресрет на големите јубилеи: потврдена поддршката за македонската заедница во Војводина

Претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство Зорица Митровиќ, заедно со директорот на Македонскиот информативен и издавачки центар Озрен Симјановски и секретарот на Советот Марјан Јованоски, оствари средба со претседателот на Собранието на Автономната Покраина Војводина, Балинт Јухас.
На средбата се разговараше за положбата на македонската заедница во Војводина, унапредувањето на нејзините права, како и за понатамошната поддршка на институциите и проектите кои придонесуваат за зачувување на македонскиот јазик, култура и национален идентитет.
Претседателот Јухас истакна дека македонската заедница претставува значаен дел од мултиетничкиот идентитет на Војводина и дека преку своите институции, културни активности и општествен ангажман дава вреден придонес кон богатството и разновидноста на покраината.
Претседателката Митровиќ се заблагодари за континуираната поддршка и успешната соработка со покраинските институции, нагласувајќи дека токму таквата поддршка овозможува реализација на бројни програми и активности од значење за македонската заедница во Србија.

Во текот на разговорот беа претставени и подготовките за одбележувањето на значајниот јубилеј – 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, кој годинава свечено ќе биде одбележан во Нови Сад. Истовремено беше разговарано и за активностите поврзани со одбележувањето на 30 години дипломатски односи меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, како и за јубилејот – 20 години успешно работење на Македонскиот информативен и издавачки центар.
Соговорниците се согласија дека зачувувањето на културната разновидност, поддршката на националните заедници и развојот на нивните институции претставуваат важна вредност на современото општество и значаен придонес кон меѓусебното разбирање и соработка.
Заедничката соработка и институционалната поддршка остануваат цврст темел за зачувување и развој на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција во Република Србија.




