Јазикот е нашиот дом – Во Вршац свечено отворено македонско катче по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и азбука, во Градската библиотека во Вршац свечено беше отворено македонско катче, збогатено со донација на книги на македонски јазик од Централната библиотека на Македонскиот национален совет.
Со оваа иницијатива, Македонскиот национален совет продолжува активно да придонесува кон зачувувањето, негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, литература и културен идентитет меѓу македонската заедница во Србија. Македонското катче во градската библиотека во Вршац ќе претставува простор достапен за сите љубители на македонскиот јазик, книжевност и култура, како и можност за поблиско запознавање со македонското литературно творештво.
На настанот присуствуваа претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, секретарот Марјан Јованоски, претставници на локалната самоуправа, членови на македонската заедница и бројни гости.
Настанот го отвори градскиот советник за култура и образование во градот Вршац, Трајан Качина, кој ја истакна важноста од негување на културната разновидност и поддршката на институциите за вакви иницијативи.
„Вршац отсекогаш бил средина во која различните култури и традиции се негуваат со почит и внимание. Отворањето на македонско катче во Градската библиотека претставува значаен придонес кон културниот живот на нашиот град и уште еден доказ за добрата соработка со македонската заедница и Македонскиот национален совет“, истакна Качина.
Претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, во своето обраќање нагласи дека зачувувањето на мајчиниот јазик е едно од најважните прашања за секоја заедница.
„Македонскиот јазик е нашиот духовен дом и најсилната врска со сопствениот идентитет, култура и традиција. Особено е важно младите генерации да имаат можност да читаат, учат и творат на својот мајчин јазик. Со отворањето на ова македонско катче испраќаме порака дека македонскиот јазик живее, се негува и се пренесува понатаму“, изјави Митровиќ.
Директорката на Градската библиотека во Вршац, Весна Златичанин, ја истакна долгогодишната и успешна соработка со Здружението „Вардар“ од Вршац, македонската заедница и Македонскиот национален совет.
„Особено ни е драго што иницијативата за отворање на македонско катче, во соработка со Македонскиот национален совет, беше реализирана брзо и ефикасно. Нашата библиотека неодамна започна и со развој на аудиофонд преку објавување аудиокниги, па веруваме дека Националниот совет и во иднина ќе биде важен мост на поврзување помеѓу библиотеката и институциите во Македонија, кои можат да помогнат во збогатување на овој фонд со содржини на македонски јазик“, истакна Златичанин.
Свеченоста беше дополнително збогатена со пригодна програма подготвена од Здружението „Вардар“ од Вршац, кое преку музика, поезија и традиционален дух придонесе за достоинствено одбележување на овој значаен датум.
Отворањето на македонското катче во Вршац претставува уште еден значаен чекор во насока на зачувување на јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Србија, како и поттик за идните генерации да го негуваат својот мајчин јазик.



