Вести
Актуелно

Соработка за јазикот и идентитетот: работна средба во Општина Пландиште

Претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ и секретарот на Советот Марјан Јованоски остварија работна средба со претставници на Општина Пландиште, на која се разговараше за унапредување на соработката во областа на службената употреба на македонскиот јазик и писмо, како и за заеднички активности насочени кон зајакнување на културниот идентитет на македонската заедница.

На средбата, од страна на општината присуствуваа Татјана Ѓорѓијевски, заменик началничка на Општинската управа, заедно со нејзините соработнички од секторот за националните малцинства. Во разговорите беше разгледана иницијативата за подготовка на информативна брошура за употребата на македонскиот јазик во службената комуникација, која би се реализирала во соработка помеѓу Македонскиот национален совет и Општина Пландиште. Воедно беше нагласена и потребата Националниот совет да ги утврди називите на населените места на македонски јазик, со цел во иднина да се овозможи поставување табли со називите на населените места и на македонски јазик.

Соговорниците посветија особено внимание и на прашањата поврзани со зачувувањето и афирмацијата на културниот идентитет на македонската заедница во оваа општина. Во таа насока беше разговарано и за можностите за организирање заеднички активности во периодот што следува, особено во пресрет на одбележувањето на значајниот јубилеј – 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина.

На состанокот присуствуваше и потпретседателот на Македонскиот национален совет Никола Кипровски.

Од Македонскиот национален совет изразија благодарност до Општина Пландиште за отвореноста за соработка и подготвеноста преку заеднички иницијативи да се придонесе кон унапредување на положбата и поголемата видливост на македонската заедница во оваа средина.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Погледнте и
Close
Back to top button