ВестиИнформирање
Актуелно

Нови медиумски содржини на македонски јазик

Претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, заедно со директорот на НИУ „Македонски информативно-издавачки центар“ Озрен Симјановски и секретарот на Советот Марјан Јованоски, остварија работна средба со претставници на Радио-телевизија Војводина (РТВ). На средбата присуствуваа Андреа Јухас, в.д. уредник на Втората програма на РТВ, Магдалена Маканова од секторот за проекти, како и членовите на македонската редакција Јулијана Милутоновиќ и Златко Јанкуловски. Разговорите беа посветени на унапредување на соработката во областа на информирањето на македонски јазик.

На средбата беа разгледани можностите за заедничко учество на претстојните конкурси во областа на информирањето, како и подготовка и реализација на нови проекти кои ќе придонесат за збогатување на медиумската понуда на македонски јазик во Војводина. Посебно внимание беше посветено на проширувањето на постојните радио и телевизиски програми со детска програма на македонски јазик, со цел да се овозможи поквалитетно информирање на најмладите и да се поттикне зачувувањето на јазикот, културата и идентитетот на македонската заедница.

Во рамките на средбата беше потпишана и Спогодба за соработка меѓу Македонскиот национален совет и Радио-телевизија Војводина. Со овој документ се создава основа за подолгорочна и поинтензивна институционална соработка, која ќе овозможи развој на нови медиумски содржини, зајакнување на постојните програми и поголема видливост на темите важни за македонската заедница во Србија.

Соработката меѓу двете институции претставува значаен чекор во унапредувањето на информирањето на македонски јазик и во јакнењето на медиумскиот простор за припадниците на македонското национално малцинство.

Активностите се реализираат во согласност со новоусвоената Стратегија на Македонскиот национален совет за периодот 2026–2031 година, која меѓу своите приоритети го истакнува развојот и унапредувањето на медиумите на македонски јазик во Србија.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Погледнте и
Close
Back to top button