Вести
Актуелно

Собрани потписи на поддршка за блиску 60 електори за единствената македонска листа

Избори на националните совети на националните малцинства

Македонците во Србија успеаа да соберат потписи за блиску 60 електори кои ќе учествуваат на изборното Собрание за избор на членовите на Македонскиот национален совет, сплотени околу единствената листа чиј носител ќе биде актуелниот претседател Борче Величковски.

– На почетокот на изборниот процес за избор на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија ви соопштивме дека поголемиот број на организациите на македонската национална заедница на заеднички состанок во Јабука донесоја одлука да се подржи една единствена листа чиј што носител ќе бидам повторно јас, – истакна денес Борче Величковски објавувајќи го бројот на потврдените електори и додаде: – Реченото веднаш тргнавме да го реализираме, а јас се обратив и во текот на изборниот процес за собирање на потписи за подршка, бидејќи сите ние што бевме ангажирани во процесот работевме во многу отежнати услови. Соопштив дека периодот за собирање на потписи за подршка за електорите во однос на изборите во 2018 година е намален за цели 10 дена. Бевме соочени и со жалната вистина, воочувајќи дека еден број на припадници на нашата заедница во изминатите четири години го напуштија овој свет, најмногу како последица на пандемијата на Ковид 19, а беа отежнати и процедуралните услови во однос на претходните избори. Ни времето не ни одеше на рака и истото честопати беше магловито и врнежливо. Но без оглед на сето ова, изразив длабока верба дека сите ние, заеднички и со јака воља, енергија и желба да го сочуваме нашиот македонски идентитет, нашиот јазик и култура, како и сето она што го постигнавме во последните дваесет години, ќе успееме да ја оствариме бројката која е потребна за да имаме законска можност да го одржиме електорското Собрание за избор на Советот на 13 ноември 2022 година. Реков дека само на тој начин нема да дозволиме да ги изгубиме сите досега стекнати права и дека тоа ќе го успееме само ако секој еден од нас го даде својот максимум.

Борче Величковски

Собирањето на потписи траеше од 05 септември до 13 октомври, а потпис можеа да дадат само граѓаните кои се упишани во посебниот бирачки список на македонската национална заедница. Секој електор требаше да собере најмалку 45 потписи, а секој потпис мораше да се овери кај овластен општински оверувач или нотар. Целиот процес го надбљудуваше Републичката изборна комисија и Министерството за човекови и малцински права и општествен дијалог.

На крајот од овој процес, Борче Величковски соопшти дека неговата единствена листа собра доволна и убедлива подршка и дека Министерството за човекови и малцински права и општествен дијалог верификуваше блиску 60 електори.

  • Уште еднаш имам потреба да ја повторам својата голема благодарност до сите кандидати за електори, од Суботица до Врање, кои со денови и недели наназад, трпеливо, по дожд и ветер, без доволно спиење и честопати со прв оброк касно навечер, некои болни, а некој со болки, но со нескриена желба да ја покажат својата македонска определба, гордо ја собираа подршката за формирање на Советот. Им благодарам, Ви благодарам и ни благодарам. Подршката е најпотребна токму сега, кога нашата самобитност, нашиот идентитет, нашата традиција, култура и јазикот, повторно се ставаат на вековитиот испит. Па затоа еве прилика да покажеме кои сме.
  • Во светлото на изборите за Националниот совет се одвива и Пописот на граѓаните, имотот и домаќинствата во Србија, кој се спроведува од 01 до 31 октомври годинава. Ја користам приликата да ги повикам сите Македонки и Македонци со дигнитет и гордост да се декларираат како Македонки и Македонци, чиј што мајчин јазик е македонски. Бидејќи, каде и да сме да знаеме кои сме – истакнува на крај Борче Величковски.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button