60 години од катастрофалниот скопски земјотрес
На денешен ден во Скопје, пред 60 години, точно во 5.17 часот, во раните утрински часови, додека градот се уште мирно спиеше, го погоди катастрофален земјотрес, кој зад себе остави трагични последици.
Во катастрофалниот земјотрес 1.070 луѓе го загубија животот под урнатините, повеќе од 3.000 беа повредени, а околу 200.000 граѓани останаа без своите домови. Во земјотресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Исчезнале симболите на Скопје – Стариот театар, Домот на армијата, зградата на Народната банка, хотелот „Македонија“ бил срамнет со земјата, урнат бил и поголемиот дел од железничката станица подигната во 1938 година, која во тоа време важела за најмодерна на Балканот.
Граѓаните заедно со припадниците на армијата, како и припадниците на цивилната одбрана, презеле итни мерки за извлекување на настраданите кои биле заробени под урнатините. Биле организирани центри за укажување прва помош, а пристигнала и неопходната помош во храна, шатори, ќебиња, лекови, крв, здравствена нега, тимови за спасување и друго.
Денеска, 60 години подоцна, во сеќавањето на постарите граѓани се уште живеат спомените и болката поради загубите што ги предизвика земјотресот, во кој за миг запре вообичаениот градски живот и кога многу семејства останаа без своите најблиски.
По катастрофата што му се случи на градот, целиот свет се обедини да им помогне на настраданите и да помогне во изградба на градот.
Повеќе од 80 земји од светот и хуманитарни организации придонеле во намалувањето на последиците од земјотресот. Почнала изградбата на нови населби, училишта, болници, амбуланти и се друго што било потребно за градот повторно да живее и да израсне од урнатините.