Вести

2025 ќе биде година на образование

За исходите на минатата година и плановите за 2025 година, зборуваме со претседателката на Советот Зорица Митровиќ.

  • Минатата 2024 година беше мошне динамична, со многу предизвици но и многу настани во областа на културата и пред се образованието кои што го обликуваа и трасираа патот на Советот во 2025 година. Покрај одбележувањето на големиот јубилеј – 20 години од основањето, една од најголемите работи е и основањето на фондацијата ,,Македонски училишен центар’’ која што ќе се бави со унапредувањето на областа на образованието и подобрувањето на наставата за изборниот предмет Македонски јазик со елементи на националната култура. Спроведовме и неколку работилници во Основното училиште ,,Гоце Делчев’’ во Јабука шаховска, ликовна и музичка кои навистина предизвикаа голем интерес кај учениците и планираме преку Фондацијата овие работилници да ги реализираме и во сите училишта, пред се во Војводина кај што се учи Македонскиот јазик, за подготвени да го дочекаме јуни месец и анкетирањето за изјаснување за изборен предмет. Целта е да се зголеми бројот на учениците, но и да се вклучат здруженијата во овие активности, бидејќи еден дел од работилниците ќе биде реализиран во училиштата во рамките на наставата и часовите по македонски, а еден дел во здруженијата. Канцелариите на здруженијата во овие места кај што се учи јазикот: Јабука, Качарево, Пландиште, Гудурица, Вршац, Нови Сад, и секако Лесковац се во голема мерка опремени и имаат многу елементи на нашата национална култура и можат да бидат одлично помошно дополнително средство во самата настава. Учениците, од друга страна, можат да учествуваат и бидат дел од настаните на здружението. Мислам дека со тоа можат да се омасоват но и подмладат нашите здруженија. Тоа ќе биде еден од приоритетите во работата на Националниот совет во оваа година. Преку Фондацијата ќе бидат обезбедени и дополнителни средства, преку проекти, за изработка на учебници, како и организирање на едукација за наставниците кои што ја изведуваат наставата. Се надевам и дека ќе бидат возобновени образовните кампови за изучување на јазикот во Македонија, за да можеме на нашите ученици на тој начин да им обезбедиме да ја посетат и запознаат Македонија и да продолжат да го унапредуваат знаењето на јазикот. Во насока на реализација на наведеното, Националниот совет и јас лично се заложивме во рамките на реализираните средби со претставниците на македонската Влада во изминатиот период.  

Крајот на годината го одбележи свечената академија во Нови Сад, по повод јубилејот 20 години од основањето на Советот. Дали е реализирано се што планиравте за одбележувањето на овој јубилеј?

  • За свечената академија беше подготвен документарен филм, за активностите и достигнувањата на Советот во областите во кои што има надлежности. Филмот е реализиран во соработка со Радио телевизија Војводина, која што ни одстапи материјали од архивата на емисијата на македонски јазик ,,Македонско сонце’’ која што ги следи настаните во заедницата. Покрај тоа, македонската редакција во декември месец прикажуваше и дел од таа архива во рамките на емисијата, како потсетување и во чест на јубилејот.  Исто така беше подготвено и специјално издание на списанието Македонска виделина, кое што содржеше една своевидна ретроспектива на најважните настани на Советот во изминатите 20 години. Подготвувајќи ја таа ретроспектива, поставивме и една интересна документарна изложба со наведените настани, фотографии и документи. Еден од плановите за 2025 година е таа изложба да биде поставена во сите места каде што делуваат македонските здруженија во рамките на нивните програми. Првата поставка ќе ја организираме ние, како Совет во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во Нови Сад, а потоа во март ќе биде поставена во Јабука, во рамките на одбележувањето на годишнината од смртта на претседателот Борче Величковски, во негова чест.  До крајот на оваа година, планирано е и да ја издадеме монографијата на Советот 2004 – 2024. Тоа е навистина голем и амбициозен потфат, но веќе работиме на тоа одредено време. Се надевам дека тоа ќе успееме да го завршиме до одбележувањето на Денот на националниот совет – 11 декември, за да по тој повод ја организираме и промоцијата.

На наше големо задоволство, свечената академија се реализираше во присуство на голем број припадници на македонската заедница во Србија, како и на највисоките претставници на владите и на Србија и за прв пат на Македонија, што навистина многу ни значи и сведочи за нашата посветена работа и во минатото, но и сега.

  • Кои уште планови ги имате за работата на Советот во 2025 година?

Фокусот и приоритетот во работата на Советот ќе биде областа на образованието, посебно во првата половина на годината. Ќе продолжиме со работилниците и ќе ги збогатиме, на пример во ликовната работилница ќе организираме изложби, творбите ќе се објавуваат во Ѕуница. Овие работилници ќе ги одржуваме и во училиштата каде што има потенцијал да се воведе јазикот и направи одделение, како што е училиштето во Глогоњ, Краљево, Ниш, но и возобновување на изучувањето на јазикот во Качарево. Во овие училишта планираме и да организираме една од детските претстави на здружението ,,Вардар’’ од Вршац, кои што се покажаа како мошне успешни. Се надевам дека крајот на јуни ќе го дочекаме со добри, посакувани резултати од анкетирањето. Што се однесува до културата, тука исто како Совет планираме да организираме некои настани, пред се во Нови Сад, каде што ни е сега седиштето. Ќе го одбележиме Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во рамките на кој ќе биде претставено научното истражување на професорката Валентина Соколовска од Филозофскиот факултет во Нови Сад ,,Јазичен пејзаж на Македонците во Војводина’’ за употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во јавниот простор во Војводина, но и во секојдневниот живот во местата каде што делува македонската заедница. Оваа година ќе поддржиме уште еден сличен проект за истражување на македонскиот јазик на овие простори.  Ќе продолжиме да ги зајакнуваме здруженијата кои што реализираат културни програми во своите места и ќе се потрудиме да ги возобновиме врските со нашата матична држава, за да можат преку збратимените градови и заеднички да се реализираат некои од програмите.

Се надеваме и дека буџетот на Советот ќе биде зголемен, за да можеме поефикасно да ги реализираме плановите, програмите и активностите, но секако ќе се потрудиме да ги ползуваме и другите извори на финансирање, преку проекти на домашните и меѓународни организации. Во таа насока, треба да ги зајакнеме и здруженијата со организирање на обуки за планирање и пишување на проекти, бидејќи минатата година имавме доста забелешки од страна на Министерството за човекови и малцински права што се однесува до Буџетскиот фонд за малцинства и проектите кои што конкурирале на нивниот конкурс. Се надевам и дека успешно ќе го решиме и процесот на обезбедување на простор за функционирање на македонската заедница во Белград, која што веќе подолго време го има овој проблем, но и да обезбедиме репрезентативен простор за функционирањето на Советот во Нови Сад.

Исто така, не очекува и голема работа околу креирање на нова стратегија на македонската заедница во Србија. Се надевам и дека политичката состојба во нашата држава ќе биде полесна и поизвесна, за да можеме ефикасно да работиме и функционираме.

Многу важно е да се нагласи дека Советот остана силен, постојан во заедништвото, зајакнат со уште некои луѓе кои се приклучија и кои своето време и енергија ја вложуваат во развојот на македонската заедница.

Каква е соработката со македонските институции?

  • Најкраткиот одговор на ова прашање би бил: Соработката се возобновува. Имајќи во предвид дека во последните 7-8 години, соработка со македонските институции и нивните претставници практично не постоеше, во последните неколку месеци видливи се заложби за подобрување на комуникацијата и повторно воспоставување на соработката. Во таа насока, во целост беа испочитувани препораките за прифаќање на апликациите за доделување на владини стипендии на заинтересираните кандидати од Србија и истовремено во одредена мера беше земено во предвид мислењето на Националниот совет во однос на проектните апликации на конкурсот на Министерството за надворешни работи на Македонија. Исто така, добивме уверување дека камповите за децата кои го учат јазикот ќе бидат возобновени оваа 2025 година и дека ќе се вложат напори за дополнителна поддршка и помош за македонската заедница во Србија. Сето ова, доколку се реализира согласно најавите, се надеваме дека ќе придонесе конечно да можеме да се пофалиме со возобновена добра соработка со матицата.   
Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button