20 години од основањето на Националниот совет на Македонците во Србија
На 14 ноември 2024 година во Културниот центар на Нови Сад, се одржа свечена академија на Националниот совет на Македонците во Србија по повод 20 години од неговото основање.
Поздравен говор пред присутните, за историјата и резултатите од работата на Националниот совет на Македонците во Србија во изминатите 20 години, одржа претседателката на советот Зорица Митровиќ.
На свечената академија присуствуваа и честитајќи ја 20-годишнината, поздравни говори одржаа министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Владата на Република Србија – Томислав Жигманов, специјалниот пратеник на премиерот на Република Србија – Предраг Рајиќ, специјалниот пратеник на премиерот на Република Македонија, заменик министер за евроспки прашања во македонската влада, Викторија Трајков и македонскиот амбасадор во Србија Н.Е. Никола Тупанчевски.
Покрај членовите на Националниот совет на Македонците во Србија и припадници на македонската заедница од цела Србија, на свеченоста присуствуваа и директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Србија Васко Шутаров, претставници на покраинските секретаријати за култура и информирање – Мирослав Илиќ, за образование, прописи, управа и национални заедници – Милинка Хрќан, покраинскиот омбудсман на Војводина – Драгана Ќориќ, претставници на градовите Нови Сад и Лесковац и делегација на Друштвото на писателите од Македонија.
На академијата беше прикажан документарен филм за создавањето и работата на Македонскиот национален совет во изминатите 20 години, во продукција на здружението Мак-инфо.
По повод јубилејот, а врз основа на одлука на Извршниот одбор на Советот, јубилејни златни плакети за 20-годишно членство и значаен придонес во работата на Националниот совет од неговото основање доделени се на Ивана Цветковиќ и Благоје Илијевски, како и постхумно на починатиот претседател на Советот Борче Величковски.
Јубилејни плакети за значаен придонес вo работата и афирмацијата на Националниот совет на Македонците во Србија беа доделени на членовите на Советот во мандатите 2018-2022 и актуелниот мандат 2022-2026, имајќи предвид дека на членовите на Советот во претходните мандати им беа доделени јубилејни плакети во 2014 година.
Учесниците на литературниот конкурс “Борче Величковски” – ученици кои го изучуваат Македонскиот јазик со елементи на националната култура во основните училишта, ги прочитаа своите творби на тема “Помеѓу две татковини“ за што добија и соодветни награди.
Настанот беше збогатен со ретроспективна документарна изложба за постигнатото во изминатите 20 години, како и со специјално издание на списанието “Македонска виделина” и истовремено беше изведена богата културно-уметничка програма со повеќе учесници.
Програмата ја затвори националниот ансамбл на македонската заедница во Србија “Тоше Проески“ со неколку македонски традиционални песни, што ќе бидат реаранжирани и снимени на нивното второ ЦД, што во моментот се подготвува.