20 ГОДИНИ НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ - ОБРАЗОВАНИЕ
Од 1946 до 1960 година во некои места во Јужнобанатскиот округ постоеше севкупна настава на македонски јазик. Од 1960 до 1976 година постоеше само македонски јазик како предмет за македонските деца во повеќе места во Јужен Банат, а од 1975 година само во Јабука се учеше македонски јазик како јазик на општествена средина. Го изучуваа припадниците на сите народи и малцинства кои живееа во оваа населба. Македонскиот јазик како јазик на општествена средина е укинат во 1994.година.
Со формирањето на Националниот совет се створија услови за институционално работење во областа на образованието на припадниците на македонската заедница во Србија. Согледувајќи ја потребата за изучувањето на мајчиниот јазик, Националниот совет организира и спроведува курс за изучување на македонскиот јазик и неговото писмо под име „Добредојдовте на македонски јазик. Курсот траеше 40 часови, го изведуваа професори по македонски јазик, и е организиран во над 10 места во цела Србија од 2007 до 2011 година.
Во периодот 2006-2007 година Националниот совет направи тим во состав професорките Блага Панева и Јадранка Клисарова од Скопје и Јован Радески од Јабука, кој што ги подготви Плановите и програмите за предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура, традиција и историја“ од I до IV одделение. После нивното дополнување во 2010 година, во 2011 година овие планови и програми се усвоени од страна на Националниот просветен совет и се објавени во Службениот Просветен гласник на Р. Србија. Веќе наредната, 2012 година формирано е едно одделение во ОУ „Гоце Делечв„ во Јабука. Во наредните години изборниот предмет ,,Македонски јазик со елементи на националата култура-‘’ воведен е и во ОУ ,,Жарко Зрењанин’’ во Качарево, ,,Моше Пијаде’’ во Гудурица, ,,Доситеј Обрадовиќ’’ во Пландиште, ,,Јован Јовановиќ Змај’’ во Хајдучица, ,,Вељко Влаховиќ’’ во Нови Сад, ,,,,Јован Стерја Поповиќ“ во Вршац, а од училишната 2015/16 година убедливо најголем број на ученици кои го изучуват македонскиот јазик како изборен предмет се во основните училишта ,,Коста Стаменковиќ’’ во Лесковац и ,,Бора Станковиќ’’ во Богојевце.
По усвојувањето на овие планови и програми се стекнаа и услови за изработка и печатење на учебници од страна на Заводот за учебници на Р.Србија, па така во 2014 година излезе од печат и првиот учебник за прво одделение за паралелки со настава на српски јазик, во 2015 учебникот за второ одделение, а во 2017 година и учебникот за трето одделение.
Согласно измените на Законот за образование, од 2018 година формирана е и нова работна група, на чело со претседателката на Одборот за образование Маре Каранфиловиќ, која што изработи нови планови и програми, што според новиот закон се изработуваат со исходи. Сите планови и програми од I до VIII одделение се усвоени и објавени во Службен гласник на Р.Србија, а започнат е и процесот на изработка на нови учебници.
Националниот совет на сите ученици им обезбедува учебници, како и школски прибор и други потребни материјали за успешно одвивање на наставата.
Во училишната 2024/25 година, над 300 ученици се запишани на изборниот предмет Македонски јазик со елементи на националната култура.
Постојано, од започнувањето на овој процес од Република Македонија се побарувани учебници, лектири и помошни учила и материјали. Иако до таква соработка сеуште не дојде, од 2014 година на учениците им беше овозможено да, заедно со своите наставници, учествуваат на Летните и зимски кампови ,,Ја сакам Македонија” во организација на македонското министерството за надворешни работи. Но и оваа активност е за жал прекината.
Од училишнаата 2005/2006 година Владата на Р.Македонија доделува стипендии за студенти-припадници на македонското национално млацинство кои сакаат да студираат на македонските универзитети. До сега со посредство на Националниот совет запишано е повеќе од 200 студенти.