Свети Климент и Блаже Конески, луѓе на новото време
Чествување на празникот Свети Климент Охридски и одбележување на 100 години од раѓањето на Блаже Конески, во Белград
Празникот кој ги надминува националните рамки и има огромно значење за европската култура и цивилизација – Свети Климент Охридски, здружението „Македониум“ свечено го празнуваше во Библиотеката на градот Белград на 7 декември. Присутните ги поздравија претседателката на Здружението, Зорица Митровиќ и претседателот на Македонскиот национален совет Борче Величковски. Присутен беше и претставникот на македонската амбасада во Белград, Драган Митревски.
Во рамките на програмата д-р Анита Ангелевска од Битола одржа видео предавање посветено на св.Климент Охридски и Блаже Конески. Правејќи релација за книжевно-просветителната дејност и заложбите на Св.Климент и Конески, како два профила од два различни века кои делат иста мисија, Ангелевска истакна дека тие ја победиле ,,тријазичната ерес” затоа што точно знаеле што е јазикот и писменоста и како треба вредно да се работи за нив.
Таа посочи и дека одговорот на новите ереси исклучиво е во посветената наука и истражувања, без никакво сомнение дека само со аргументи и потврдени сознанија ќе реализираме барем малку од надежта и стремежите на овие двајца вистински колоси.
По повод стогодишнината од раѓањето на еден од најголемите современи македонски културни дејци Блаже Конески, беше прикажан и документарен филм за неговиот лик и дело, како и видео материјал со раскази на неговите песни на српски и македонски јазик, што здружението Македониум ги обезбеди од македонското Министерство за култура.
Сите присутни на подарок добија и по едно ЦД со неговата поезија, донација од продуцентската куќа Југотон (повеќе за тоа прочитаје тука)