Филмот „Сестри” со награда на фестивалот во Белград
„Сестри” на режисерката Дина Дума, кој е и македонскиот кандидат за Оскар во категоријата меѓународен филм за 2022, ја доби наградата за најдобра режија на FEST – International Film Festival, во Белград. Младата македонска режисерка Дина Дума при врачувањето на наградата рече дека е особено среќна што е пред публиката на ФЕСТ бидејќи нејзиниот филм е „зачнат“ токму во Белград, на ФЕСТ пред четири години.
Во своето соопштение жирито изјави: „режисерката е наградена за својата вештина на водење и насочување на младите актери и фантастичното раскажување низ објективот.Филмот успеа да раскаже приказна за една доста значајна опшстествена тема од нашето време и да поттикне дијалог“. Филмот Сестри, имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде ја освои Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот, а македонската фестивалска премиера беше на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки” во Битола.
Филмот ни открива едно тинејџерско друштво, во кое поважно е да се забавуваат следбениците на социјалните мрежи, отколку да се негува нормално пријателство. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска (Маја), Миа Жиро (Јана), Ханис Багашов, Мај-Линда Косумовиќ и Верица Недеска. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа-Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, музиката е на Игор Василев-Новоградска, а дизајнот на звук на Ристо Алчинов.
Сестри е копродукција помеѓу Македонија, Црна Гора и Косово. Филмот се снимаше во 2019 година на локации низ Скопје.