Украинската криза и македонската држава
Непосредно пред почетокот на руската инвазија во Украина македонската министерка за одбрана излезе со една не така популарна изјава, тврдејќи дека македонската војска е спремна да помогне на НАТО сојузниците во одбрана на украинскиот територијален интегритет. Изјава која во неколку македонски и регионални медиуми беше протолкувана како смешна вест, но сепак вест која многу говори. Вест која во една реченица успеа да ја покаже сета несериозност на актуелното македонско раководство, но не само тоа, туку и немањето на доволен обим на информации за тоа какви се плановите на НАТО, иако е Скопје полноправна членка на Алијансата.
Од другата страна се огласи македонскиот претседател, тврдејќи дека не станува збор за никакво ангажирање на македонската војска во војната во Украина, како и фактот дека тој е врховен командант на вооружените сили на македонската држава и дека само тој може да донесе една таква одлука, односно вклучување на македонската војска во операции надвор од територијата на државата.
Замислите, македонската војска, која и во 21 век едвај крпи крај со крај одеднаш да биде активирана во војни активности на европскиот континент какви не се постоеле, со таков капацитет и интензитет, уште од крајот на Втората светска војска. Ама да бидеме реални кој покажува големи мускули во такви неприлики, ако не оние најслабите, за кои прашање е воопшто и дали самите себе можат да се сочуваат во едни такви околности. Не треба многу, доволно е само да се потсетиме на конфликтот од 2001 година за се да ни биде јасно.
И додека некои земји во регионот купуваа огромни количини на залихи на основните потребштини за своите граѓани, стратешки знаејќи во кој правец води украинската војна, македонските власти се занимаваа со воведување на санкции, со гасење на руските телевизиски и медиумски канали, со осуда и казнување на сето она што е руско – цврсто држејќи се до своите европски сојузници – иако – Скопје е сеуште многу далеку од полноправното членство во Европската унија, додека пак, неговото членство во НАТО и понатаму претставува еден симболичен гест на американската администрација која е свесна за капацитетите и можностите на македонската војска.
И да не бидеме протолкувани погрешно – руската операција во Украина е за секоја врста на осуда, едноставно нечовечки би било да се подржи било каква операција во која гинат луѓе, без оглед дали станува збор за професионална војска или цивили, ама истовремено, во денешен контекст, погрешна е и политиката која се води во македонската држава.
Затоа што, како и секогаш до сега, целиот товар на погрешните политике го носат граѓаните, на својот грб, притоа без никој да ги праша како ќе го преживеат утрешниот ден. Дали земјоделците имаат средства да купат гориво за своите трактори, дали младите родители имаат средства да купат млеко за своите дечиња, дали студентите имаат пари за автобуски карти и дали пензионерите имаат пензија да ги платат новите цени за леб.
Ама тоа не е ништо чудно за македонската држава. Граѓаните биле секогаш на последното седиште. И кога е убаво и кога е криза. Битни се само политичките поени и како да се покажеме како „успешни политичари“, само не во очите на народот и граѓаните, туку во очите на оние таму некаде, надвор од границите на македонската држава, на тие кои најмалку ги интересира како живеат Македонците.
Така, без ниту една измена, без ниту една грешка во добро познатата македонска политичка тактита се настапува и сега, кога е во прашање украинската војна. Македонските власти не ја пропуштија приликата максимално да се додворат до своите сојузници на Западот, што можеби и не е спорно имајќи ја во предвид евроатлантската определба на македонска држава, ама каде во сето тоа е македонскиот народ?
Каде во оваа криза се потребите на обичниот граѓанин? Каде се анализира прашањето за повисоките цени, за недостатокот на основни животни потребни, каде се отвораат темите од моделот што понатаму со економијата, како да остане македонската економија одржљива, ако светската економија веќе трепери. И тоа е тоа – класична македонска работа, за секому се води грижа, секоја туѓа сметка се анализира, можеби и плаќа, освен домашната, онаа која живот значи.