Топол пречек на „Госпоѓиците од Авињон” на МОБ во Народното позориште во Белград
Со извици – браво, публиката во Народно позориште во Белград го награди настапот на македонскиот национален балет, кој ја изведе претставата „Госпоѓиците од Авињон”, во рамките на соработката на иницијативата Отворен Балкан, во областа на културата.
Соработката меѓу националните установи од културата во рамките на иницијативата „Отворен Балкан”во последно време е интензивирана. По настапот на Белградската филхармонија со диригентот Зубин Мехта, викендов во Скопје, вчера Балетот при македонската национална опера и балет во Народно позориште во Белград, настапи со „Госпоѓиците од Авињон”.
Претставата е работена според либретото на Сашо Димоски, во кореографија во класичен стил-на Олга Панго, а на музика на Калиопи Букле, која вклучува звуци и инструменти од цел свет.
За либретото Димоски се инспирирал од сликата на Пабло Пикасо , „Госпоѓиците од Авињон” од 1907, која важи за прва кубистичка, авангардна и воопшто модерна слика во тоа време. А низ дејстието во 9 слики, на сцената дамите на ноќта од сликата на Пикасо се прикажани како 5 жени од животот на ликовниот гениј, кои се обидуваат да го убијат за невозвратената љубов, за да се спојат со него во вечноста. Пикасо е прикажан како мува – низ звуците на кастањетите, но и преку балетска игра.
За мултимедијата во балетот беше задолжен Емил Петров, а костимите во стилот на сликите на Пикасо се авторство на Раде Василев.
Ова не е крај на иницијативата „Отворен Балкан”. Напротив, проектот „Сезона на Отворен Балкан” започнува на 13 јули во Париз, во Српскиот културен центар, каде ќе биде отворена изложбата „Супстрати”, со дела од тројца уметници од Македонија, Србија и Албанија. Изложбата ќе биде отворена еден месец, а меѓународната презентација на „Отворен Балкан” во КЦС продолжува во 2024 година.