ВестиКултура

Сребрен медал за кумановецот Филип Илиевски на фототриеналето во Нови Сад

Кумановецот Филип Илиевски, член на фото киноклуб „Козјак“ – Куманово, се закити со сребрен медал на годинашното 17-то фототриенале кое се организира во рамки на Фестивалот на театарска уметност „Стеријино Позорје“.

Фестивалот годинава се организира по 68-ми пат, од 26 мај до 3 јуни во Нови Сад. На фототриеналето учествуваа 265 автори од 44 држави од целиот свет.

Изложбата е под патронат на ФИАП – Меѓународна фотографска федерација која е и најстара федерација од ваков тип. Главната одлука за годинашните награди на фототриеналето ја имаше Александар Келиќ, професор по фотографија кој дипломирал на Факултет за драмски уметности во Белград.

Во историјата на организирање на фотографското триенале Филип Илиевски е единствениот фотограф од Македонија, кој вторпат влегува во најдобрите три театарски фотографи од целиот свет. На претходното 16-то фототриенале се закити со бронзен медал.

Илиевски активно се занимава со фотографија од 2009 година, од кога е и член на фото киноклубот „Козјак“ од Куманово. Учествувал на многубројни натпревари и организации на меѓународни изложби. Меѓу позначајните успеси се освоените неколку златни медали од ФИАП и наградата за најуспешен автор т.е. „Best FIAP Аuthor“ на меѓународната изложба на уметничка фотографија „РОК 2016“ во Хрватска. Со овие успеси се стекнува со меѓународното звање АФИАП и фотограф прва класа во Фото Сојузот на Македонија.

„Стеријино Позорје“ како фестивал на национални драми и театар од натпреварувачки карактер е оформено во 1956 година во рамки на одбележување на 150 години од раѓањето и 100 години од смртта на големиот српски комедиограф Јован Стерије Поповиќ.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button