СО ХУМАНА ПОРАКА ЗАТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА „МЕЃУ ЈАВА И СОН“ НА ТОДОР ЈОВАНОВСКИ ВО БЕЛГРАД

На 30 мај 2025 година, во Галеријата на Завичајниот музеј Жарково во Белград, свечено беше затворена изложбата на слики под наслов „Меѓу јаве и сон“ на македонскиот сликар Тодор Јовановски.
Овој настан доби посебна хуманитарна димензија со тоа што во рамките на затворањето беше врачена сликата „Виолинистка“, која авторот ја донираше за настраданите во трагичниот пожар во Кочани. Сликата беше продадена на онлајн аукција организирана од Здружението „Македониум“, а највисока понуда даде младата Љубица Шијаковиќ од Белград, на која и беше свечено врачено делото.

Средствата од оваа аукција, според најавата од организаторите, ќе бидат целосно наменети за помош на семејствата на повредените во пожарот, кои во моментов се лекуваат во Белград и уплатени на наменската сметка на Македонскиот национален совет.
Авторот Тодор Јовановски се заблагодари на сите посетители на изложбата и изрази посебна благодарност до сите кои ја поддржаа хуманитарната акција:
„Уметноста има моќ не само да ја разубави реалноста, туку и да помогне таму каде што е најпотребно. Благодарен сум што мојата слика доби шанса да биде дел од едно такво дело на солидарност и човечност,“ изјави Јовановски.
Со овој чин, Здружението „Македониум“ уште еднаш го потврдува својот ангажман не само во промоцијата на македонската култура, туку и во поддршката на нашите сограѓани во моменти на голема животна потреба.
