Вести

Состанок на Националните совети со претставници на Советот на Европа

Делегација на македонскиот Национален совет предводена од претседателката Зорица Митровиќ, директорот на новинско-издавачката установа Македонски издавачки информативен центар Озрен Симјановски и секретарот на Советот Марјан Јованоски, учествуваше на состанок со претставниците на советодавниот комитет на рамковната конвенција за заштита на национални малцинства при Советот на Европа.

На состанокот одржан на 27 јуни 2024 година во Нови Сад, покрај претставниците на Советот на Европа: Бесарион Бокашвили – Грузија, Шарунас Лиекис – Литванија и Томаш Хрустич – Словачка, учествуваа и раководствата на Националните совети на Македонците, Египќаните, Русините, Грците, Чесите, Ашкалиите, Пољаците, Романците, Евреите и Ромите во Република Србија. Во рамките на состанокот претставниците на националните малцинства ги претставија своите достигнувања, предизвици и проблеми со кои се соочуваат во своето функционирање.

Претседателката на македонскиот национален совет Зорица Митровиќ во рамките на своето обраќање покрај останатото, како најголеми предизвици ги истакна проблемите со печатењето на учебниците за изборниот предмет Македонски јазик со елементи на национална култура кој се изучува во Република Србија, како и проблемот кој настанува во секојдневното функционирање на националната заедница на Македонците поради доцнењето на објавата на резултатите од конкурсот за проектно финансирање и суфинансирање од страна на Министерството за култура на Србија. Нагласи дека Националните совети на малцинските заедници во Србија очекуваат надминување на наведените проблеми, што би придонело за многу подобро функционирање на малцинските заедници и повисок степен на заштита на правата на малцинствата во земјата.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button