БлогВести

Соединетите Американски Држави, војната во Украина и македонската држава

Во секоја не така посакувана ситуација меѓународните односи функционираат како кванташки пазар. Земјите ја искористуваат секоја прилика да нешто „понудат“, а за возврат нешто и добијат. И тоа било отсекогаш така. И покрај постоечките принципи и норми, и покрај силата на меѓународното јавно право. А така е богами и денес. Во екот на украинската војна, државите, иако сеуште не станува збор за војна од светски карактер, ја бираат поповолната страна и никако тоа не го работат случајно, или само на основите на меѓународното јавно право, туку пред се имајќи ги во предвид, сопствените, националните државните интереси.

Кога Москва ја започна својата инвазија на Украина, нарекувајќи ја специјална војна операција, почнаа и прегрупирања во меѓународните односи. Европските земји, посебно оние кои се членки на Европската унија и НАТО цврсто застанаа на страната на евроатлантското сојузништво, воведувајќи бројни санкции со цел да ја ослабат Руската федерација, додека пак, од друга страна, некои традиционални сојузници на Москва отворено застанаа на страната на Путиновата политика, помеѓу другото тврдејќи и дека политичкиот Запад го има веќе сето тоа направено и тоа без снажна осуда и изолација со каква се денес соочуваат руските власти.

Ама наша цел не е да толкуваме дали руската инвазија е оправдена или не, ниту дали почива на меѓународното права или го крши истото на најсуров можен начин, туку да видиме каде во сето ова се наоѓа македонската држава и што таа успеа да „ќари“ како лојален евроатлантски сојузник и членка на НАТО која без никакви калкулации или анализи ги прифати сите, од една, европски санкции кон Руската федерација, од политичките, преку дипломатските, па се до оние политичките.

Од друга страна, Соединетите Американски Држави ја активираа својата јака дипломатска машинерија. Па се прво договорија со Европската унија да им продаваат течен гас, да го ојачат источното крило на НАТО со припадници од американската армија, да ги „симнат“ санкциите кон одредени блискоисточни земји, со цел истите да ги убедат да ги продаваат своите ресурси како алтернатива на руските, па се до тоа и да го минимизираат, како они велат, руското и кинеското малигно влијание на Западниот Балкан.

Во тој контекст и на Западниот Балкан се водат непрекидни преговори. Од една страна се убедува Белград да се приклучи кон политиката на санкционирање на Руската федерација, додека пак, од друга страна, одеднаш се одобруваат и војните амбиции на поедини членки на НАТО од источното крило, како што е Бугарија, па им се овозможува купување на современа воена опрема и борбени авиони.

Белград цврсто се држи, ниту прифаќа тек так преговори со Приштина, ниту пак се откажува од квалитетните односи со Москва, а притоа без конкретна понуда од страна на Брисел, Берлин, Вашингтон или Лондон. Софија по сличната стаза. Полека се приклучува активно во украинската војна, па дури и со испраќање на воена опрема на украинската војска, ама не го работи тоа случајно. Ниту Софија не се откажува од решение на спорот со Скопје на начин на кој ним одговара, ниту пак од своите амбиции кога се во прашање бугарските војни капацитети.

А за сето ова време македонската држава, како и секогаш до сега, традиционално, немо ја следи состојбата, и не како лојален, туку како неспособен партнер не успева ништо да испреговара, ниту да договори, па дури ниту датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Иако од почетокот ги прифати сите политики на санкционирање, иако од почетокот цврсто застана на страната на евроатлантските сојузници, вклучувајќи го и гафот со евентуално испраќање на македонските војници на украинскиот фронт, за возврат не доби ниту одоброволување на Софија, а да не зборуваме за датумот на почеток на преговорите. Македонската дипломатија со резултат нула. И на сето тоа, и се случи и отварањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, како директен дипломатски шамар од бугарските власти, кое македонскиот го примија без никаква реакција.

Ама тоа е тоа. Каков си, таков си. Од почетокот. Така е и со македонската држава. Кога некогаш, во современата историја, водела квалитетна и прагматична политика? Кога ги имала во предвид македонските државни интереси? Кога имала дипломатска служба која умее да го препознае моментот, да се прилагоди, да „профитира“, на големиот меѓународен кванташки пазар?

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button