ВестиКултура

16-та средба на гајдаџиите во Качарево

Качарево минатиот викенд беше престолнина на гајдата. Во рамки на 16-та манифестација „Средба на гајдаџии “ пред присутните се претставија учесници од Србија, Македонија и, за прв пат, од Бугарија. Меѓу нив се најдоа музичката група „Амајлија“ од Скопје, Филип Богдановиќ од Лeбане, Станислава Ѓорѓевиќ од Оџаци, Калина Николова од Софија, Еди Тајм од Сремска Митровица, Ванчо Станојевски од Качарево, сестрите Билјана и Јелена Голубовиќ, семејството Митиќ од Омољица и Горан Стаменковиќ со својот бенд од Старчево.

Гостите од Македонија го изразија своето задоволство што се дел од настанот и што имаат можност да презентираат дел од македонската традиција. Велат дека енергијата на овој настан е сосема поинаква, дека луѓето чувствуваат љубов кон својата татковина, музика и традиција.

Манифестацијата ја отвори Борче Величковски, претседател на Националниот совет на македонската национална заедница во Србија.

Публиката имаше можност да ужива во звуците на гајдата, но и да научи нешто за овој традиционален инструмент. Презентирајќи ги традициите од својот крај преку ора и песни, учесниците предизвикаа воодушевување кај присутните. Покрај гајдата се слушаа и други автентични инструменти како што се кавал, тапан и зурла.

Организаторите од Здружението „Вардар“ од Качарево и Центарот за заштита на традиција и посебност „Тоше Проески истакнуваат дека целта на оваа манифестација е да се зачува традицијата и да се пренесе на помладите генерации. Оваа година имаше околу 20 учесници, а големиот број на млади учесници влева надеж дека традицијата ќе се продолжи и дека звукот на гајдата ќе живее.

Манифестацијата е прогласена за манифестација од посебен значај на македонската национална заедница во Србија и се организира под покровителство на Националниот совет на Македонската национална заедница во Р. Србија, Министерството за култура и информирање и Покраинскиот секретаријат за образование, прописи, администрација и национални заедници.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button