БлогВестиМакедонија

Се попишуваме со години, ама никако да се преброиме

Во македонската држава минатата недела официјално беа соопштени резултати од пописот спроведен минатата есен. Долго очекуваниот попис кој после полни дваесет година ја виде светлоста на денот, ама само на кратко, затоа што веќе истиот ден беше оспорен – не од народот, туку од политичарите. И така, стандардно во македонската држава, со години се попишуваат, ама никако да се пребројат, или ги има премногу, или нешто во мозаикот недостасува – ама секако ништо не е како би требало да биде.

За дваесетина години македонската држава изгубила околу 185.000 граѓани, па така оваа мала балканска држава веќе нема два милиони жители, туку некаде околу милион и осумстотини илјади. И тоа не најтрагичниот дел во оваа приказна, затоа што ако така продолжат трендовите оваа држава за само пеесетина години ќе се преполови.

Во овие бројќи, што никако не смее да се занемари влегуваат и 260.000 граѓани на македонската држава со адреса на живеење некаде во странство. И кога севкупно ќе се погледат нештата, 58 проценти се декларирале како Македонци, 24 проценти како Албанци, скоро три проценти како турци и два ипол проценти граѓани од ромска етничка припадност. И толку се заедно, со се дијаспората еден милион, осумстотини триесет и шест илјади и седумстотини тринаест граѓани на македонското парче земја.

Сите заедно, со истите маки, предизвици, патешествија, но и политички претставници кои во ништо не се согласуваат, па ни во пописот, кој инаку претставува клучна статистичка операција во секоја развиена земја, а со цел креирање на стратегии на развој, одржливост, економски просперитет итн итн…

Ама чекајте, да се вратиме чекор назад, реков статистичка операција, а заборавив да кажам дека за разлика од другите земји, во македонската држава пописот е политичка операција. Така беше во 2002 години, така беше во пропаднатиот попис од 2011 година, така е и денес – а зошто да се менува добро поставената традиција.

Во македонската држава пописот има за цел да ја покаже политичката сила на двете најбројни етнички групи – Mакедонците и Aлбанците. И оваа операција од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор се разбира во тој контекст и никако на друг начин. Албанската политичка елита желна да ја зголеми својата политичка, а со самото тоа и фактичка моќ тврди дека Aлбанците се една третина од граѓаните во македонската држава, док пак македонските политичари, од друга страна, мака мачат да спроведат попис во кој се е можно ама никако албанците да не бидат под 20 проценти, оти нели де сите права што ги имаат на основа на Охридскиот договор се темелат баш на магичниот процент дваесет. Ама да се разбереме, за тоа не се виновни обичните граѓани од албанска националност, туку политичарите кои само тактизираат со политичката моќ и ништо, ама баш ништо друго не ги занима.

Претседателот Стево Пендаровски излезе со моќна изјава – пописот е спроведен со сите нишани. И тоа навистина добро звучи – само недостасува одговорот на прашањето – а зошто тогаш голем дел од политичките субјекти сметаат дека пописот е неуспешен? И уште едно прашање – ако пописот е успешен каде е тој успех во македонската дијаспора, оние со македонски етнички предзнак? И тука се наметнуваат ред други прашања, ама сите тие ја губат смислата, затоа што нема кој да ги одговори – а одговорот за сите лежи кај политичарите.

Ама ете, уште едно поглавје од македонската приказна е затворено. Демек успешна мала земја, членка на НАТО, што воопшто не е битно во овој контекст, ама ајде де, нели е некој бренд да се биде во тоа друштво, успеала да спроведе попис „со сите нишани“, а што е најбитно го признава и Европската унија. И сето друго нема смисла да се додава. Политичарите задоволни, Европската нија задоволна – кому му е гајле што мислат граѓаните.

Впрочем, кому му е гајле како да се реши проблемот со паѓањето на бројот на жители, кому му е гајле како тоа ќе се одрази на економскиот развој, кому му е гајле како таа огромна дијаспора да се врати дома, кому му е гајле зошто не се попишала дијаспората од македонска етничка припадност и за крај – кому му е воопшто гајле што се случува во реалноста на македонската држава, кога и онака сите живееме во една бајка, така убава, ама истовремено така одалечена од реалноста.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button