ВестиМакедонци во светот
Семакедонскиот собор со 12 барања до Бугарија: Признавање на македонско малцинство, влегување на Македонците во бугарскиот Устав
Веќе 60 години македонското малцинство во Бугарија е подложено на систематска дискриминација, асимилација и маргинализација. Тоа на Македонците им предизвика безброј страдања и ги претвори во граѓани од втор ред во државата во која што живеат и во земјата во која што се родени. Таквата политика не само што е срамна, туку е и недозволива за цивилизирана и правна држава, дури и гротескна за Европската унија. Истата антимакедонска политика сега ја блокира македонската евроинтеграција со апсурдни и понижувачки, не само за Македонија, туку и за Бугарија, барања. Таквата политика шири омраза и го загорчува животот на луѓето. Тоа треба да престане. Ние повикуваме и инсистираме пред бугарските власти:
- Да се промени одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 г. и декларацијата на бугарскиот Парламент од 6 март 1990 г. со кои официјално се декларира дека во Бугарија нема оформен македонски етникум, исто како и позицијата на владата и декларацијата на Парламентот од 9 ноември 2019 г. Владата официјално да објави дека македонското малцинство повеќе нема да биде негирано, ниту дискриминирано, и дека неговите права ќе бидат заштитени.
- Државата официјално да го признае постоењето на национални/етнички малцинства во Бугарија и поимот „национално малцинство“ да биде внесен во Уставот и правата на таквите малцинства да бидат заштитени. Да бидат направени неопходните измени и појаснувања во Уставот и Законот за регистрација на невладините организации, со кои се прави невозможно самоопределувањето на малцинствата и заштитата на нивните права да се толкува како антиуставна, антидржавна, заканувачка за територијалниот интегритет и основа за одбивање на регистрациајта.
- Ако Република Бугарија настојува Бугарите во Македонија да влезат во македонскиот Устав, Македонците исто така треба да влезат во бугарскиот.
- Бугарија да ја крене вештачката блокада за регистрација на македонските организации, и да ги имплементира пресудите на Европскиот суд за човекови права со тоа што ќе ги регистрира.
- Во идните пописи да се внесе посебна графа „Македонец“ и при неговото спроведување да се објави јавно и официјално, дека секој кој што се чувствува како Македонец, може слободно да се декларира како таков.
- Изучувањето на македонскиот литературен јазик, култура и историја да влезат во образовните програми за децата од македонското малцинство, како и во државните универзитети. Истовремено, потребни се измени во основните образовни програми на начин кој нема да ја исклучува македонската нација, малцинство и неговата историја, култура и јазик (нешто што не е ново и во минатато било спроведувано а потоа напуштено).
- Државата да започне активен дијалог со претставници на македонското малцинство за решавање на постоечките проблеми, и македонски претставник да влезе во Комисијата за малцинствата. Дијалогот треба да започне веднаш, без да се чека признавање на малцинството, бидејќи „признавањето на малцинството од страна на државата не е задолжителен услов за да бидеш квалификуван за заштита од Рамковната конвенција“, и да се фокусира на прилагодување на Рамковната конвенција кон Македонците според конкретни членови на конвенцијата.
- Да се преземат решителни мерки кон ставање крај на говорот на омраза против македонското малцинство и против македонската нација воопшто, со тоа што во исто време ќе се промовира толеранција по однос на македонското малцинство.
- Да се суспендира, или прилагоди работата на Комисијата за историски прашања со Македонија, за да се спречат обидите на бугарската страна таа да биде злоупотребена за наметнување на бугарската национална митологија во македонските училишта, и како извинување за блокирањето на македонската евроинтеграција.
- Бугарија да ја крене блокадата пред македонската евроинтеграција и да се воздржи од поставување на какви било услови кои не се во согласност со европската регулатива и пракса.
- Бугарија да ги прифати научните факти, да престане со апсурдното негирање на Македонскиот јазик и да го признае како и целиот преостанат свет.
- Бугарија да преземе мерки за обесштетување на жртвите на политиките на прогон, дискриминација и асимилација на македонското малцинство и да се извини за својата антимакедонска политика која довела до толку многу страдање. Да ги објави досиејата на прогонителите и документите за тие процеси, и да ги распушти одделенијата кои во моментов се занимаваат со истата криминална активност и да ги казни учесниците во истата.