Семакедонска средба во Албанија

На 8 февруари 2025 година, во организација на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, во Корча Албанија се одржа семакедонска средба со парламентарните партии од Македонија.
На средбата учествуваа претставници на парламентарните политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица, Демократскиот сојуз и ЗНАМ, како и македонскиот амбасадор во Тирана Данчо Марковски.
Од ВМРО-ДПМНЕ присуствуваа Лилјана Затуроска, советник во Македонската влада и Лидија Петкоска, пратеник во Собранието на Македонија, од СДСМ присуствуваа Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ, од ЛЕВИЦА присуствуваа претседателот проф.д-р Димитар Апасиев и потпретседателот м-р Реџеп Исмаил и двајцата пратеници во Собранието на Македонија, од Демократскиот сојуз присуствуваше заменикот министер за надворешни работи на Македонија Зоран Димитровски и поранешниот заменик министер за надворешни работи Зоран Петров, а од ЗНАМ проф.д-р Катерина Тодороска.

Претставниците на Македонска алијанса за европска интеграција ги информираа присутните за положбата и правата и слободите на Македонците во Албанија и упатија повик до македонските парламентарни партии во владината коалиција и собраниската опозиција да изградат национална стратегија за Македонците во соседните земји на Македонија, во тој контекст и за Македонците во Албанија.
Претставниците на Македонската алијанса за европска интеграција на средбата во Корча порачаа дека Македонците во Албанија се под перманентна агресија на бугарска антимакедонска пропаганда, за жал директно поддржана од албанските власти поради бугарските закани со вето за членство на Албанија во Европската Унија, при што положбата на Македонците во Албанија е крајно незавидна.

Грижата за Македонците во Албанија е македонски национален интерес, а тоа го потврдува присуството на власта и опозицијата, рече м-р Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција. Македонците во Албанија очекуваат разбирање од институциите на власта во Македонија за одбрана од бугарската антимакедонска политика, бидејќи ова не е само политичка, туку борба за опстанок.

На средбата беше претставена и предлог Национална стратегија за заштита на Македонската заедница во Албанија. Преку неа меѓу другото се бара признавање на правата на Македонците во сите региони каде што живеат, како и отворање на училишта на Македонски јазик.
Македонското министерство за надворешни работи најави мерки, но и соработка со Албанската влада за подобрување на положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија.

Македонската владина коалиција и парламентарната опозиција ја потврдија поддршката на Македонската заедница во Албанија и најавија остро спротивставување на агресивната дипломатска офанзива на Бугарија во Албанија, која преку политички и социјални уцени и злоупотреба на членството во Европската Унија врши асимилаторски притисоци врз Македонците.
Овие обиди за бугаризација не се само непријателски кон Македонскиот народ, туку претставуваат грубо кршење на основните европски принципи за заштита на националните малцинства. Институциите на власта на Македонија мора да го користат секој дипломатски и парламентарен инструмент за разобличување на бугарските антимакедонски политики во Албанија и да превземат мерки за заштита на македонскиот идентитет во Албанија.

Македонските заедници во Албанија, како и во другите соседни земји, се нераскинлив, неотуѓив и неотстапен дел од Македонскиот народ и неговата заштита треба да биде стратешки и приоритетен национален интерес на државата Македонија.
Целата на оваа средба е да се создадат основи за долгорочна, системска и одржлива политика за заштита на правата, културен интегритет и достоинствен живот на Македонците во соседните држави на Македонија, така и во Албанија.
Пред неколку дена делегација на единствената политичка партија на Македонците во Албанија беше примена од претседателката на државата проф.д-р Гордана Сиљановска Давкова. И на таа средба, укажале на состојбите на Македонската заедница во Албанија, истакнувајќи дека се соочуваат со пропаганда и обиди за асимилација кои го загрозуваат македонскиот национален и културен идентитет.