Симболично, во вторник, на денот на Светите браќа Кирил и Методиј – 24 Мај, во преубавиот амбиент што е дел од музејскиот комплекс на градот Белград – Конакот на кнегињата Љубица, отворена е ликовната поставка „Македонската азбука“ на Сергеј Андреевски.
Изложбата ја отвори вајарот Синиша Новески, додека слово за светите браќа Кирил и Методиј даде поранешниот македонски претседател проф д-р Ѓорѓе Иванов.
Овој циклус слики на платно на Андреевски, каде секоја буква има своја приказна, свој свет, беше за прв пат изложен минатата година на излозите на Широк Сокак во Битола. Тоа беше поддршка од уметникот кон славењето на името и делото на научникот, творецот и создателот на македонското современо писмо – Блаже Конески, во годината кога се одбележуваа 100 години од неговото раѓање. Целта и тогаш, а и сега е исто така актуелна: да се разбуди јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и нашиот јазик, особено во време-невреме, кога секојдневно е оспоруван.
На почетокот, претседателот Иванов упати честитки по повод признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од синодот на СПЦ на свечената заедничка литургија што се одржа во Соборниот храм во Скопје. Упатувајќи честитки до сите православни христијани во Република Македонија, истакна дека тоа е голем, убав, радосен и величествен ден, а симболиката е уште поголема што тоа се случува на Денот на Светите просветители Кирил и Методиј.
За Светите Кирил и Методиј, претседателот Иванов рече, дека моравската мисија била многу повеќе од дипломатска мисија што има за цел да го прошири византиското влијание во Европа. За нив Моравската мисија била исполнување на последната Христова заповед до неговите Апостоли. А, тоа е, да одат во светот и да направат ученици од сите народи. Целта на таа мисија е да им овозможат на словенските народи да го запознаат Бога на најавтентичен можен начин – а тоа е преку мајчиниот јазик. Битката на светите браќа Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја. Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности.
Изложбата, што ќе трае до 29 мај, е дел од традиционалната манифестација „Денови на македонската култура – Допир на Македонија“, што по 11-ти пат ја организира Здружението на Македонците во Белград – „Македониум“.