Свечена приредба во Јабука по повод одбележувањето на Денот на Македонскиот национален совет

Основното училиште „Гоце Делчев“ од Јабука и оваа година на 11-ти декември достоинствено и со многу љубов ја продолжи својата убава традиција, организирајќи свечена приредба по повод одбележувањето на Денот на Македонскиот национален совет. Настанот помина во духот на радост, заедништво и искрена детска насмевка, а училиштето уште еднаш потврди дека е важен столб во негувањето на македонскиот јазик, култура и национален идентитет.

Учениците, заедно со своите наставници и ментори, подготвија богата и содржајна програма исполнета со песни, рецитации, сценски настапи и игри, преку кои на најубав начин ја искажаа својата љубов кон македонскиот јазик, традиција и културно наследство. Со секој изговорен збор и секоја изведена точка, тие нè потсетија дека токму најмладите генерации се најсилниот мост меѓу минатото и иднината и најверните чувари на нашиот идентитет.

Приредбата беше проследена со големо внимание и емоции, а публиката, меѓу која и претседателката Зорица Митровиќ, претседателот на Извршниот одбор Благоја Соколовски и секретарот на Советот Марјан Јованоски, со гордост ја следеа посветеноста и ентузијазмот на децата, кои со искрена радост го претставија богатството на македонската култура. Особено значајна беше улогата на наставниците, кои со својата поддршка, трпение и професионалност континуирано придонесуваат кон развојот и образованието на учениците, вградувајќи во нив вредности што се темел на секоја заедница.






Македонскиот национален совет од срце упатува голема благодарност до училиштето, наставниот кадар и учениците за нивната несебична посветеност, труд и континуирана поддршка. Ваквите настани ја зацврстуваат македонската заедница, ја поттикнуваат меѓусебната солидарност и ни даваат силен мотив и понатаму уште поодлучно да работиме на унапредување на образованието и зачувување на културата.
Пораката која ја испратија од Советот гласеше: Благодариме Јабука – за примерот што го давате, за љубовта што ја вложувате и за континуираната поддршка што ја пружате во негувањето на македонскиот јазик и идентитет.



