Свечена академија на Македонскиот национален совет

Во Лесковачкиот културен центар свечено беше одбележан значаен јубилеј – 21 година од основањето на Националниот совет на македонската национална заедница во Република Србија, како и 10 години од воведувањето на изборниот предмет Македонски јазик со елементи на национална култура во основните училишта во Лесковац и поширокиот регион. Настанот претставуваше силна потврда за континуираниот развој, институционалната поддршка и посветеноста кон зачувување на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу припадниците на македонската заедница во Србија.

Свеченоста се одржа во присуство на бројни високи претставници и гости од Република Србија и Република Македонија, што ѝ даде посебна тежина и значење. Меѓу присутните беа заменичката министерка за европски прашања на Република Македонија, Викторија Трајков, заменик министерот за администрација Лазе Јаќимоски, директорот на Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов, амбасадорот на Република Македонија во Република Србија, Никола Тупанчески, како и советникот на министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Република Србија Драган Делибашиќ. На настанот присуствуваше и началникот на Јабланичкиот округ, Милош Ќириќ, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, д-р Елена Јованова Грујовска, заедно со бројна делегација од Институтот, како и претставници на македонските здруженија во Србија, наставници, родители и бројни пријатели на македонската заедница.

























Во своите обраќања, говорниците ја истакнаа важната улога на Националниот совет во унапредувањето и заштитата на правата на македонската национална заедница, особено во областа на образованието, културата, информирањето и службената употреба на јазикот. Посебен акцент беше ставен на значењето на воведувањето и континуитетот на наставата по македонски јазик со елементи на национална култура, како клучен инструмент за пренесување на јазичните и културните вредности на помладите генерации.
Во рамките на Свечената академија, беа свечено доделени јубилејни златни плакети на основните училишта „Коста Стаменковиќ“ од Лесковац и „Бора Станковиќ“ од Богојевце, како признание за нивната долгогодишна посветеност и поддршка во реализацијата на наставата по македонски јазик, како и за нивниот континуиран придонес во зачувувањето, негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик и култура во образовниот процес.
Плакетата за Основното училиште „Бора Станковиќ“ од Богојевце ја прими директорката Татјана Гавриловиќ, додека плакетата за Основното училиште „Коста Стаменковиќ“ од Лесковац, во отсуство на директорката Александра Сибиновиќ, која беше спречена да присуствува, ја подигна наставничката Ивана Станковиќ.
Свечената академија беше збогатена со богата и разнолика културно-уметничка програма, подготвена со голема посветеност од наставниците кои ја реализираат наставата по македонски јазик со елементи на национална култура. Во програмата учествуваа повеќе од 50 ученици од четири основни училишта во Лесковац и околината, кои преку рецитации, песни, драмски изведби и фолклорни точки го прикажаа своето знаење, талент и љубов кон македонскиот јазик и традиција. Нивните настапи беа поздравени со силен аплауз и емоции од страна на присутната публика.
Како знак на поддршка, признание и охрабрување за нивниот труд и ангажман, сите учесници во програмата добија пригодни подароци, обезбедени од македонската компанија Витаминка, која уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност и поддршка на вакви значајни настани.


Свечената академија во Лесковац испрати силна порака за важноста на меѓусебната соработка, институционалната поддршка и заедничката грижа за зачувување и унапредување на македонскиот јазик, култура и идентитет, како и за продолжување на позитивните практики во образованието и културниот живот на македонската заедница во Република Србија.



