ВестиКултура

Свети Климент Охридски традиционално чествуван во Белград

Во просториите на Здружението на писателите на Србија во Белград здружението Македониум традиционално го чествуваше празникот Свети Климент Охридски.

  • Денес го славиме ликот и делото на првиот словенски оригинален писател, основоположникот на првиот словенски универзитет, просветителот, учителот и светецот, патронот и заштитникот на македонската православна црква и  најдаровитиот ученик на сесловенските браќа светите Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски – истакна претседателката на здружението Македониум Зорица Митровиќ. – Свети Климент е основоположник на Охридската книжевна школа, чии ученици станаа учители на словенскиот свет. Од тогаш, па сè до денес, неговото дело е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме. Просветлувајќи нè, тој ни даде голема творечка и духовна слобода и ни остави богато духовно и културно наследство со кое ретко кој народ може да се пофали. Ние во Белград тоа го негуваме и афирмираме традиционално преку вакви настани.

На настанот присуствуваа и македонската амбасадорка во Белград Михаела Веселинов и третиот секретар Емрије Мустафи, која на почеток се обрати на присутните, како и потпретседателот на Здружението на писателите на Србија, Видак Масловариќ, кој е воедно и уредник на престижната Трибина Француска 7.

За ликот и делото на Св. Климент Охридски говореше претседателот на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Христо Петрески, кој истакна дека на ова чествување, покрај тоа што ќе се говори за заслугите на Св Климент како зачетник на Охридската книжевна школа, на преродбеничката мисија и неговата улога во свештенството како прв словенски епископ, тоа има големо значење и има симболика.

  • Многу е битно што Македонците од Белград не го забораваат Св.Климент Охридски и што ги продолжуваат мостовите кои што постојат меѓу Македонците во татковината и тие овде, но и двете писателски асоцијации кои што ја продолжуваат соработката која неодамна беше официјализирана со спогодба за соработка, и тоа на денешниот празник на Св.Климент Охридски, изјави Христо Петрески.

Во рамките на програмата, новинарот Кирил Панов говореше за неодамна починатиот македонист проф. Радомир Ивановиќ, кој беше голем пријател на „Македониум” и учествуваше во неколку поранешни настани во кој што се афирмираше македонскиот јазик.

Во културно уметничката програма настапи пејачката група „Македониум” од Белград, со пригоден репертоар.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button